Оваа година околу две илјади брачни двојки и поединци ќе можат да ја остварат својата најголема желба и да добијат сопствен дом. Со проектот “Купи куќа – купи стан”, граѓаните ќе може да аплицираат за субвенционирани станбени кредити од 25 јануари до 1 март годинава. Субвенционираниот износ на кредитот е до 50 000 евра. Може да се земе и поголем кредит, а субвенционирањето ќе се однесува на износот до 50 000 евра. Кредитите ќе може да се користат за изградба или доградба на куќа или за купување нов стан. Граѓаните, кои сакаат да добијат субвенциониран кредит, можат да аплицираат во Тутунска банка, Алфа банка, Прокредит банка, Стопанска банка од Скопје, Стопанска банка од Битола, ТТК банка, Охридска банка и Шпаркасе банка. Банкарите велат дека веќе има интерес и се стигнати првите апликации во Прилеп.
Потребно е да се исполнуваат следните услови.
Вкупните месечни приходи на поединецот или на брачните партнери да бидат најмногу до 900 евра; Да нема во негова сопственост, во заедничка сопственост со брачниот другар или во сопственост на брачниот другар, стан, односно куќа, или во сопственост да има само еден стан или една куќа, кои ги продава заради купување поголем стан, односно куќа за потребите на сопственото домување; Лицето или неговиот брачен другар да немаат подигнато друг станбен кредит.
Станот што се купува, односно куќата што се гради, треба:
Да е новоградба со сета потребна документација (имотен лист, дозволи и одобренија за градба); Цената на станбениот објект да биде до 900 евра за метар квадратен; Да се купи директно од инвеститорот или од изведувачот на станбениот објект; Градежно – техничката документација за изградба на куќа да гласи на име на барателот. Барање за користење субвенциониран кредит се поднесува до деловната банка, која ја проценува и одлучува за кредитната способност на барателот, а при склучувањето на договор, посебно ќе се предвиди: Забрана за давање на недвижноста под закуп (кирија); Забрана за дополнително оптоварување на недвижноста со хипотека; Забрана за корисникот на кредитот да ја отуѓи недвижноста во период од првите 5 години од започнување со исплата на кредитот; Обврска за поднесување пријава за промена на местото на живеење на адреса на новиот стан или куќа до надлежен орган во рок од 60 дена од денот на воведување во владение на барателот на субвенционираниот кредит на станот, односно куќата; Доколку станбениот кредит предвремено се отплати (целосно или делумно), корисникот е должен субвенционираните средства да ги врати веднаш на Министерството за финансии преку деловната банка. Право на деловната банка, во случај кога корисникот на кредитот ќе доцни најмалку 90 дена во намирување на обврските, односно обврска на деловната банка, во случај кога корисникот на кредитот ќе доцни најмалку 180 дена во намирување на обврските, е да го раскине договорот за кредит и да преземе дејствија за присилна наплата на побарувањето по основ на станбениот кредит и субвенцијата.Доколку средствата одобрени за субвенциониран станбен кредит не се користат во согласност со Законот за субвенционирање на станбен кредит, или фактите врз кои се заснова одлуката за одобрување на субвенциониран станбен кредит биле невистинити, треба да се пристапи кон присилна наплата на станбениот кредит и субвенцијата.
Модели
1. “ПОЛОВИНА РАТА”
Владата ќе плаќа половина од месечната рата (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот.
Каматата на станбениот кредит е субвенционирана и изнесува:
4,99% за првите три години
5,5% за четвртата и за петтата година од отплатата
2. “ПОЛОВИНА УЧЕСТВО”
Владата ќе плати 50% од учеството за кредит за купување стан или за изградба на куќа, или најмногу до 6.250 евра за кредит од 50.000 евра.
Каматата на станбениот кредит е субвенционирана и изнесува ЕУРИБОР + 4,5 процентни поени во текот на целиот период на отплата.