ЅЕВГАР БИВОЛИ НА ОРАЊЕ

Старите слики го пренесуваат примитивниот, мачен начин на обработка на земјата. Кога тракторите биле сон, а јаве за некои други земји, кај нас орањето на нивите се вршело со волови, биволи или крави. Се спрегнувале во јаремот два вола или бивола, кои се викале ѕевгар. Назад се врзувал плугот, и полека, полека, плитко се орала земјата. Воловите, кравите и биволите моќно го влечеле плугот. Понекогаш подзапирале од напорот, но немало играчка со камшикот на газдата. Кога ќе ги врснел по грбот, кинисувале во превртување на сувата и тешка земја, не секогаш родна. За да ги одржат во живот и идната работна сезона пак да бидат на услуга и да се спрегнат, пролетно време добитокот за влечење уживал во зелените полјани со трева. Понекогаш сопствениците им приредувале “софра” од зоб, а најчесто се хранеле со сено и слама, колку да преживеат. Подобростоечките сточари ги воделе воловите на налбат да ги “обујат” со метални налчиња за да не ги оштетуваат копитата во грутките, камен, земја.

Loading