БЕЗ ТЕЗГАРЕЊЕ, ТУКУ СО БОЖЈА ВОЛЈА

Здравко Чолиќ – децении на врвот на естрадата

FUN 8055

Не може вечерва да си во Прилеп, а утре некој ве вика на свадба или на некоја друга помала свирка

Како медиумски поддржувач на Пиво Фестот, Зенит имаше можност за ексклузивно интервју со балканската легенда на забавната музика Здравко Чолиќ. Еве што тој одговори на нашите прашања.

Која е тајната формула за децениското успешно опстојување на сцената?

Нема некои правила. Цел живот учев да бидам добар, да се вработам, а ова што го работевме со музиката беше чисто аматерски. Никогаш не сметав дека, на некој начин, можам да бидам професионалец во музиката. Ова што се случи, некако е, некоја Божја волја. “Траењето” и харизмата што постои меѓу мене и публиката и таа енергија која со години постои, тешко се објаснува… Единствено можам да го објаснам својот професионален став. Како професионалец должен си да бидеш одморен, да не бидеш засипнат, премногу да не тезгариш. Тезгата ги убива луѓето… Тоа е еден грд збор, но човек сам одбира каде и што ке работи… Водам сметка за тоа. Не може вечерва да си во Прилеп, а утре некој ве вика на свадба или на некоја друга помала свирка. Така, се уништува тоа што било вчера. Вистинскиот професионалец, може да ја контролира енергијата и преку изборот на песни каде жанровски припаѓаат… бидејќи ние сме мал пазар. Не смееме стилски секогаш да бидеме исти. Мора малку да се менуваме. Некои песни некому му се допаѓаат, а некому не… Па, ќе помине време, па оној другиот ке каже: “Аха.., види овие две – три песни не се лоши, а не ми се допадна последниот албум”. Сето тоа е дел од една општа работа со години. Она, на што изведувачот секогаш мора да води сметка, се песните, односот кон луѓето, кон публиката, да им даде љубов, бидејќи и тие нему му даруваат. Останатото е во Божји раце. Не знам поинаку да објаснам. Не мора да бидеме религиозни, или помалку или повеќе верници, ама има нешто – зошто некој го работи ова или она, зошто некој трае, а некој не трае. Колку има познати и добри луѓе кои се талентирани, па не успеале со личноста да го задржат талентот, нели?! Не затоа што биле помалку професионалци, туку, едноставно, ја немаат таа сила и енергија…

Од каде ја црпите вашата енергија и после толку години исто се однесувате на сцената?

Познат сум по тоа што трчам, пливам, одам! Ама, верувајте, во овие последни години многу повеќе сум по кафеаните каде главно седам, зборувам, не сум активен. Но, има една енергија која е акумулирана и латентно е присутна во човекот. Мислам дека таа повремено се топи како маст и кога ќе ја видиш публиката, тој адреналин ја поткренува, и таа некоја резерва од минатото, проработува. Навистина, последно време не сум ни трчал, ниту пливал. Искрено, малку попуштив. Ама, постои таа латентна енергија која излегува кога ќе ги видиш луѓето. Едноставно, проработува, се активира. Колку концертот повеќе одминува, се подобар сум. Најдобар сум на крајот. Подобро пеам на крајот, отколку на почетокот. Тогаш сум поопуштен. Тоа значи, или постои во човекот, или не. Што е тоа, не знам. Ама, факт е дека имам нешто, најверојатно е, некоја желба, волја… Не знам.

Како го доживеавте настапот на Пивофестот? Што очекувавте, а што доживевате?

Сум пеел на плоштади во Куманово, двапати во Скопје, неколку пати во Нови Сад, еднаш во Ниш, во Крагуевац, во Босна – во Бања Лука, во Брчко. Тоа се доста специфични настапи, но, ова е поинаку. Ова е тенденциозен настап, каде луѓето доаѓат да се веселат, да се напијат. Првпат настапувам на некој осмислен фестивал, етаблиран Фестивал на пивото. Многумина се обидуваат, но како да не му поаѓа од рака. И во Белград се обидуваат, ама уште не го оствариле тоа. Затоа му честитам на градот и на градоначалникот, на луѓето кои го осмислиле и организирале сето ова, бидејки девет години да се подобрува квалитетот, како во смисла на заработувачката, така и во бројот на луѓето кои го посетуваат, секако дека е голема работа. Затоа, многу сум почестен што годинава бев дел од него. Не се каам, напротив, мене ми е посебно драго, особено и заради тоа што сето тоа толку убаво помина.

Кога последен пат сте биле во Прилеп и како изгледа градот?

Последниве години минував низ Прилеп, на пијалак, но не сум се јавувал. Ги загубив некои од старите пријатели. Дури и другарот од војска кој сега е директор на Банката. Сме се загубиле, сум заборавил на минати времиња. На концерт не сум бил од 1982 година. Градот се променил, минало време… Има нови модели, има нови дезени. Градот преубаво изгледа, доста напредувал. Многу сум среќен што сега имам и нови пријатели и луѓе, па кога ќе дојдам и приватно, ќе имам со кого да се видам, да разговарам, да се дружам…

Кога беше полесно, во бившата СФРЈ или сега, бидејќи, практично станува збор за истиот простор?

Влечам нитка од СФРЈ. Предност е луѓето да те знаат од Словенија до Македонија. Старата публика остана, а сега доаѓа и нова. Но, ако човек не снима нешто, ако нема концерти, ако не те ценат помладите, тогаш, ништо нема ниту од поранешната кариера во тие исти, но сега нови држави. Сегашната работа, последниве десетина години претставува квалификација, повторно да можеш да одиш и да пееш во Македонија, во Скопје, во Прилеп, во Охрид, во Сараево, Сплит. Тоа е, всушност, некоја нормална професионална работа, некоја љубов кон публиката, пеење нови песни. Тука е и врската со старите песни. Не можеш да кажеш дека некои луѓе не ги сакаат старите песни… Масовно се пеат “Јави се, јави се”, “Кога ќе ме погледнеш преку рамена”… . Ги знат и некои млади кои имаат од 7 до 10 година. Сепак, не може да сé да биде старо и добро, а притоа да нема нешто ново. И, тоа е таа нераскинлива врска што мора да остане, оти за да се задржи пазарот, кој, за жал, е многу мал, во споредба со светскиот, нужно е прилагодување. Според мене, генерациските пренесувања се среќна околност, тоа што кариерата ја влечеме од бивша Југославија, особено ние, постари. Но, и денешните генерации естрадни уметници, ако направат добра плоча, ќе минат добро секаде, ако се работи за исто говорно подрачје. Прашање е само кој колку квалитетно го сработил тоа…

Како приватно функционира семејството Чолиќ?

Оние кои се женат повозрасни, водат повеќе сметка за семејството. Децата ми се на прво место. Имам две ќерки, едната има 10, а другата во август ќе наполни пет години. Сопругата е со семејството, со куќата. Не работи. Со жената треба да си пријател. Тоа е најважно. Таа се држи за куќата, оти сме патријархално воспитани. Жената треба да биде шеф во куќата. Така сме навикнати. Покојната мајка беше главна во куќата, а татко ми беше почитуван колку што е можно. Работеше и беше глава на семејството. На некој начин, така функционираме. Иако приоритет е мојата професија. Секогаш сум галантен, сакам друштво, пријатели, патувања и не се одрекувам од тој начин на живеење. И да сакам, нема да можам никогаш да се изменам.

Дали ќерките покажуваат афинитет кон музиката и кој е вашиот став?

Децата се музикални. Но, не сум од тие што по секоја цена ги фали своите деца. Не ги форсирам, ама, ако се јави тој талент, би ги поддржал. Искрено, би бил против да се занимаваат професионално со музика. Иако, ако некој има толку изразит талент, посебно како малата, која гледам има афинитети кон музиката, тогаш е штета и гревота да не ја поддржам. Ама, тоа животот подоцна сам го покажува. Се нервирам кога родителите со сила ги туркаат децата во музичко училиште, на фестивали. Тоа е многу глупаво. При школувањето, наставниците ќе оценат дали детето е талент за нешто или не.

Каде живеете во моментов?

Белград е база. Не знама дали ќе останеме. Секаде сум наоколу. Децата одат на училиште, па, ќе видиме. Белград беше и центар на Југославија, па ние кои сме бегалци од Сараево, сега сме таму. Ништо не се знае.

Планирате нешто?

Следната година главно ќе настапувам на концерти, оти тоа особено го сакам. Секако ќе подготвам нешто за мојата публика.

Размислувате ли за одмор?

Бев малку во Грција. Кон крајот на август ќе одам во Охрид. Може, уште некаде на море – Грција или Турција. Деновиве одлучуваме. Децата се мали и се прилагодуваме на нивните потреби. Не можеме баш секаде. Малку сме ограничени.

Задоволни ли сте од гостувањето во Прилеп?

Овој успешен Фестивал кој ги собира луѓето и од други градови. Многу е тешко луѓето да ги извлечеш од дома, а камо ли да ги натераш да платат карта за некој концерт. Такви се времињата. Луѓето повеќе сакаат да се забавуваат кога има вакви прилики. Затоа се заблагодарувам на сите кои дојдоа да ме гледаат и слушаат.

Loading