ПЕТ ДЕЦЕНИИ ОД ПОЛНОЛЕТСТВО

По 50 години, откако го прославија полнолетството, матурантите од прилепската гимназија повторно се собраа на генерациска средба. Застанаа на скалите, на кои пред пет децении си разменувале погледи, по некое штипкање или прв стисок на раката во знак на пламнато срце. Го пречекорија повторно училишниот праг да се видат после 50 години од средношколската разделба. Да се потсетат… некогаш убави и весели, а денес сериозни во старовечни години. Доктори, професори, банкари, стопанственици, судии, службеници… Уживаат во третото доба, во пензионерските денови, секој со семејната, личната преокупација која им го исполнува денот. Заблескаа очите и се исполнија со солзи. По некоја се истркала по ликот, на кој староста забраздила сеќавања… Ех, беа тоа времиња! А времето не го крши нивниот учител Цветан Беличанец. Се спротивставува на годините. Со присет за оние кои не го гледаат веќе сонцето, педесетината гимназијалци се стокмија рамо до рамо за заедничка фотографија. Браво за иницијативноста и честитки за организаторите, кои успеаја да ги соберат на повторно дружење. Народот рекол: Едно видување – еден век, а ова беше средба по половина век.

Loading