СРЕЌНА ТРИНАЕСЕТКА ЗА БЛУЗЕРИТЕ

Роденден на Кросроуд блуз бенд

Бендот Кросроуд блуз бенд го прослави 13-иот роденден на 5 март во ресторанот Амфора. Не дуваа роденденски свеќи на торта и не им пееја Happy birthday, туку го “вивнаа” ресторанот, кренаа сé на нозе со блуз ритми до малите саати. Келнерите одвај прогласија фајронт во мугрите. На единствениот блуз бенд во Македонија, чест им направи и Сашо Гигов – Гиш од првата македонска блуз група – Банкрот блуз бенд. Како што прилега на оваа “пубертетска возраст”, бендот е хиперактивен. Концертира, прави свирки и журки низ цела земја, соработува со моторџиски групи (Night wolf Internacional)… Дури се капарени на “тезга” да прават блуз џумбуш секоја недела од април во Скопје. Бендот жареше и палеше на Трифун и Валентин, на Пивофестови и Пиволендови… Глава не може да крене од покани за настапи. Имаат канезба и за големиот фестивал Rock open air во Бања Лука на 24 јуни. Во транзиција сечие растење носи маки, не само “слатки”. Уште повеќе за блузерите, како “најзагрозено музичко малцинство” кај нас. Во 2001 година снимија албум, насловен “Тутун блуз”, кој остана во мрак, небаре тутун годинашен. Ама Прилеп не им остана борчлија. Градот им се отчести со наградата “Трети Ноември”. И на Бугарите им се бендисуваат, па години ги “молат” на свирка, дури и со наградина фестивалот Габрово. Сегашниот состав е Бранко и Давид Нешкоски на гитара, Александар Дворчанец на усна хармоника и вокал, Кире Гаралоски на бас и Зоки Настески на тапани. Насловот (не и текстот) на нивниот прв сингл, “Каде е крајот”, најарно кажува дека абер немаат од запирање и одмор. И добро е така. Одржуваат македонски блуз.

Loading