50 ГОДИНИ КВАЛИТЕТНО ЗНАЕЊЕ

Разговор со повод: проф. д-р Ѓорѓи Манчески, декан на Економскиот факултет

Наметнување на студентите на пазарот на работна сила, со своето знаење и квалитет е стратегија на факултетот 

Не е проблем што еден професор е корумпиран, но тој ќе создаде многу студенти кои ќе бидат корумпирани. Тоа треба да се санкционира 

 

Денеска Економскиот факултет одбележува 50 години од основањето како високо образовна и научна институција. Се очекува на свеченоста да присуствува и премиерот Никола Груевски. Оваа институција одамна фати чекор со европските факултети и продуцира квалитетни високостручни кадри од економската област под докажаниот и проверен компетентен професорски кадар. На чело на реномираната институција, етаблирана на пазарот за знаење со стручност, посветеност и постојано модренизирана и надградувана наставна образовна програма, од скоро е проф. д-р Ѓорѓи Манчески.

 

 

Релативно млад човек во позиција да го води Економскиот факултет во не баш погодно време. Каков е општествениот миг за Факултетот? 

Факултетот го гради портфолиото 50 години. Познавачите на знаат дека уште во почеток факултетот се наметна за амбициозна институција која многу соработувала со стопанството и ги имплементирала научните и практичните страни во образованието. Очекуваме контакти и соработка со стопанските субјекти во градов и во државава, поддршка на проектите со ЕУ. Во идниот период очекувам да имаме силен подем како досега.

Стопанствениците се жалаат дека факултетите произведуваат недоволно квалитетни кадри?  

Често објаснувањата се должат на размислувања без докази. Нека направат директен контакт и ние ќе им обезбедиме квалитетни студенти, квалитетна работна сила, која ќе се носи со проблемите. Има поголема понуда на работна сила од побарувачка, а стимулацијата на стопанствениците не е соодветна. Не може да се очекува соодветен одговор на недобра награда. Општата клима е таа која определува.

Дали ја застапувате идејата да се повлечат дисперзираните студии?  

Дисперзираните студии ги прифативме како стратегија наметната од Владата. Имавме стратегија, ако не се запишат доволно студенти, да ги повлечеме студиите. Каде што се запишаа малку средношколци, немаме студии. Стратегијата на Владата ќе видиме во кој момент ќе испадне исправна и вистинска.

Дали мислите дека кандидатите ќе се определуваат за државните факултети? 

Средношколците ќе се определуваат за институции што нудат знаење. Не е важно дали се приватни или државни. Важно е каде се добива знаење. И едните и другите, треба да промовираме знаење. Тоа не е резултат на тоа како се запишува или бројот на студенти кои излегуваат, туку од тоа колку можат да се најдат на пазарот на работна сила. Тоа ќе биде стратегија на факултетот. Значи, наметнување на студентите на пазарот на работна сила, со своето знаење, квалитет.

Што мислите за конкуренцијата од приватните факултети. Ретко некој студент да не завршил или се откажал од некој од приватните факултети. А вие имате намален број на бруцоши?  

Намалениот број студенти не е резултат на приватните факултети. Таму цените за студирање се повисоки. Студираат студенти од друга социјална категорија и со други крајни цели. Голем број од студентите во четврта година се префрлаат во државните факултети, да добијат државна диплома. Бројот се намалува како резултат и на дисперзираните студии и пониската цена, отколку на матичните.

Дали кредит трансфер системот е целосно имплементиран? 

Системот на колоквиуми и наградување и пред тоа се применуваше. Сега доби некоја форма, официјалност и формализирање на ниво на држава. Кај нас целосно функционира, но за етаблирањето на тој систем на ниво на држава треба подолг период.

Има ли шанси за нострификација на дипломите надвор од државава? 

Признани сме одамна. Студентите зеле потврда за положени испити и одат на соодветниот факултет. Испитите им биле признавани ако се соодветни. Студирале, магистрирале, докторирале и сега се професори на странски универзитети.

Каков е вашиот став за интегрираниот универзитет? 

Со законските норми се предвидува да постои единствено правно тело – интегрираниот факултет, со свои единици, односно факултети. Тоа се чини за размена на ресурсите на факултетите, заради намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста. Наставник може да биде ангажиран на сличен или на друг факултет без посебен надомест. Тоа е добар начин за поврзување на факултетите, за поголема соработка.

Факултетот е и научна институција, а не сме чуле дека нешто значајно се случува?  

Професорите работат самостојно. Тешко се канализираат нивните активности. Не е случај само кај нас. Законот дозволува, но според стратегијата која ја застапувам со тимот, се обидуваме тоа да го артикулираме. Научноистражувачка работа да се канализира не од индивидуалец, туку од институцијата, од каде се повикуваат.

Имун ли е Факултетот на корупција? 

Факултетот континуирано работи да се спречи. Доколку има, има надлежни институции. Деканската управа ќе овозможи слободна работа. Сите кои прават такви работи да бидат соодветно казнети. Корупцијата е најлоша појава, зашто оној кој ќе заврши на корупциски начин, така се однесува во иднина. Не е проблем што еден професор е корумпиран, туку што се создава корумпирани студенти. Тоа треба да се санкционира, без пардон.

За меѓународната соработка на ЕК факултет? 

Факултетот има многу меѓународни проекти. Работи со факултети или слични институции надвор од земјава. Преку Центарот за научно – истржувачка дејност планираме максимално да ги користиме програмите за меѓународни проекти, во кои ќе ги вклучуваме и постдипломците не само наставно – научниот кадар. Ќе формираме административна структура за поддршка на процесите. Активно соработуваме со факултетот од Ница, Англија, Бремен, Дортмун, Атина, со Солун. За Френклин во САД имаме обезбедено 15 – тина стипендии, зашто цените на нивните партиципации се доста високи.

Како ќе ја интезивирате соработката со стопанството?  

Планираме да ги отвориме вратите оние кои имаат идеи, да бидат вклучени, да парципираат не само во образованието, туку и во доживотно образование, со вклучување на експерти од стопанство, со презентација на бизниси, промоција на знаења и меѓународни експерти и проекти во кои се вклучуваат и научни институции од странство. Со локалната самоуправа договоривме проекти за апсорпција на средства од ЕУ. Ќе направиме заеднички конзорциум и да ги засилиме проектните активности за подобрување на климата која што треба да ја диктираме.

Loading