ЏАКЕТИ И БЛЕЈЗЕРИ ЗА ХОЛАНДИЈА

Конфекцијата Мартекс ја преживеа кризата

Започнале со седум стари машини, за денес да имаат современ машински парк

Климатизиран погон и редовни плати и придонеси за 130 вработени

 

Конфекцијата Мартекс со над 13 годишно постоење, успешно ја надмина рецесијата. Умешноста на сопствениците, позитивното работење во изминатите години и создадената финансиска резерева, придонесе последиците од светската економска криза, која најмногу удри по текстилните фирми, побезболно да се одрази врз една од првите приватни конфекции за женска горна облека. Конфекцијата Мартекс го продолжува позитивното работење со редовна испорака на конфекција – горен дел исклучиво за пазарите во Холандија и Германија. Перманентното исплаќање на платите и придонесите на околу 130 работнички, и понатаму останува една од приоритетните задачи на членовите на семејниот бизнис на чело со највозрасниот и најискусниот од тимот, Стојан Неделкоски.

Старт со стари машини во куќа

Неговото претходно искуство што го имал во практичната работа и раководењето на текстилниот бизнис стекнато во поранешните конфекции му дале мотив и добра основа за започнување сопствен, приватен бизнис, во кој подоцна ги вклучува и синовите Гоце и Роберт и снаите. Започнав со седум стари машини, за конфекцијата Мартекс денес да располага со современ машински парк кој овозможува автоматизирани производствени фази и процеси, кроење, шиење, пеглање. Беше тешко. Со упорна работа и квалитет, пазарот се освојува и се задржуваат постојаните муштерии – се сеќава на почетоците највозрасниот во семејниот бизнис Неделкоски. Отсекогаш работењето го темелеле на скромност, чесност и професионалност. Трудејќи се постојано да ги подобруваат условите за работа во погонот кон светските стандарди и норми. Благодарение на остварените контакти со невладини организации од норвешките земји, успеале да реализараат неколку проекти меѓу кои и за климатизирање на погонот. Условите за работа се добри. Се трудиме да го одржиме бројот на вработените. Доколку има потреба можеме да работиме и во две смени. Со оглед на обемот на работата, засега фунционираме само во една смена – вели Стојан. Полека но сигурно, управувањето со бизнисот им го остава на помладите наследници, на синовите и двете снаи. Тој е тука за совети, консултации и помош со искуството, мудроста и сериозноста која му ја донеле долгите години на работа во текстилната фирма.

Обезбедување на сопствен производствен објект

Меѓу работите кои треба да се сменат, на бизнисмените да им се олесни функционирањето го наведува подготвувањето на економски зони. Објектот што го користиме е под кирија. Со наемнината на просторот за изминатите три-четиринаесет години практично сме платиле за еден производствен погон. Жално е што со стечаите на текстилните фирми Солидност, Политекс и други не се даде шансата за користење на тие веќе готови капацитети со изградена инфраструктура. Доколку државата и локалната самоуправа обезбедат инфраструктура и изградба на индустриска зона, тоа ќе е идеална шанса да го решиме просторниот проблем и да изградиме сопствена производствена хала – вели Стојан. Производите од конфекцијата Мартекс се наменети исклучиво за странските пазари.

Loading