ИНСПЕКЦИИ ГО ТРЕСАТ ТУТУНСКИ

Собрание на “трета мајка”

Во тек е контрола во Тутунски комбинат која треба да покаже дали има незаконско работење. Премиерот Никола Груевски одговори на прашањето на пратеникот на СДСМ Горан Сугарески за состојбите во загубарот, Тутунскиот комбинат, со над 72 отсто државен капитал. Додека менаџментот денеска се обидува да организира, на “трета мајка” собрание на акционерите, да се изведат на виделина податоците за работењето во 2009 година, останува да се види дали државата, како доминантен сопственик, ќе му даде виза на бордот на директори и натаму да го води Тутунскиот комбинат во услови кога пропаднаа неколку обиди за продажба. И вицепремиерот Владимир Пешевски излезе со неколку варијанти за ослободување на државата од “товарот” што í го носи прилепскиот загубар, некогашен гигант во тутунската индустрија. Вториот човек во Владата, задолжен за “спас на загубарите”, изјави дека

на располагање се неколку варијанти, од кои една е продажба во “четири очи” со потенцијалните купувачи со донесување посебен закон. Додека државата ја боли главата со Тутунски и останатите загубари, Еурокомпозит, ЕМО и ОХИС, а на работниците им се “тресат коските” за нивната судбина, бел ден не видоа одговорите на прашањата на пратеникот Сугарески. Тој на септемвриската седница за пратенички прашања побара одговори од премиерот до кога ќе се толерира работење на директорот на ТКП, кој купил четири возила, од кои три луксузни, а години не плаќа ниту денар за давачка за здравство, за земјоделие и екологија. Според него, загубата на ТКП за 2008 г. изнесува над 8 милиони евра, додека загубата за 2009 г. е околу 30 милиони евра. Констатира дека платите се намалени за 20 насто, а работниците се дома на 80 насто и по три месеци во годината. Тој соопшти дека нето платата на генералниот директор Жарко Христоски изнесува над 1500 евра, што можеби е и повисока од премиерската. Не се знае каков ќе биде последниот збор на Владата, бидејќи факт е дека има дилеми околу решенијата за судбината на загубарите, откако се исцрпи можноста Тутунски да се продаде, заедно со вработените, без почетна цена. Неблагодарно е да се прогнозира, оти денеска ќе се “отворат картите” и за понатамошната потрага по купувач или ќе се “игра” нешто друго со актуелниот или нов менаџмент. Во меѓувреме дознаваме дека, во Тутунски на повидок е договор за извоз на поголемо количество цигари за арапските земји, по добрите ефекти од експерименталниот извоз. Но, не се знае што ќе се случува со претстојниот откуп на тутунот и задоволување на законските стандарди за откуп како што се банкарски гаранции и лиценца за откуп.

Loading