ПРИВАТНИТЕ ФАКУЛТЕТИ СЕ “ЗДРАВ КОНКУРЕНТЕН ФЕНОМЕН “

Интервју со д – р Златко Жоглев, ректор на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола

По завршувањето на претходниот евалуационен циклус, се отвора процесот на евалуација преку самоевалуацијата и интерната евалуација, се заокружува со екстерна евалуација

Универзитет не се соочи со феноменот на флуктуација на кадрите со отворањето на приватните универзитети и факултети

 

И државните универзитети со дисперзирани студии се намножиија во земјава да бидат конкуренти на ,,агресивниот и не секогаш легален атак,, на приватаните факултети и универзитети. Како ја оценувате конкуренцијата со општиот впечаток дека постојат драстични разлики во квалитетот на институциите во државна и приватна сопственост, во корист на државните?

Трендот на отворање дисперзирани студии, особено карактеристичен за последниве години, претставува иницијатива на Владата која се спроведува на државните, а и на некои приватни универзитети. Причините, мотивите за отпочнување со овој процес на дисперзија ги поврзувам со тенденцијата за приближување на високото образование до различните целни групи коишто заради материјално-финансиски причини, географска оддалеченост и сл. не би биле во можност да го продолжат своето образование и секако заради спречување на одливот на студенти во соседните земји, односно нивно задржување во земјата. Инаку, што се однесува до конкуренцијата, истата воопшто не треба да се разгледува од тој аспект, напротив, во еден систем каде квалитетот набљудуван како комплексен збир на традиција, искуство и воспоставени принципи на работа, атрактивност на студиските програми, имплементирани меѓународни стандарди и слични елементи, треба да биде пресуден, а механизмите за неговото евалуирање, вреднување како и постигнатите резулатати транспарентни, конкуренцијата претставува “здрав феномен” и само дополнителен потстрек за постигнување повисок квалитет.

Дали паѓаат мерилата, критериумите за оценување на студентите со мноштвото приватни факултети?

Секој универзитет е општествено одговорен за начинот на спроведување на наставно – образовниот процес, и за сите сегменти што го сочинуваат, вклучително и оценувањето, такашто бројот на приватните факултети и универзитети воопшто не влијае и не смее да влијае врз востановените принципи и функционирање, врз она што е политика и стратегија на Универзитетот.

Каков е квалитетот на наставата во дисперзираните единици?

Универзитетот ,,Св. Климент Охридски,, – Битола (УКЛО) го насочува своето целокупно функционирање во правец на обезбедување на квалитет и сосема очекувано тука не се прават разлики ако станува збор за дисперзираните единици. Секако дека не секогаш е едноставно затоа што има отежувачки фактори и објективни пречки од типот: обезбедување соодветни просторни услови, покриеност со опрема, ангажираност на доволен број наставни кадри и сл., но ние настојуваме во од да ги решаваме ваквите прашања, ставајќи ги во функција сопствените средства и потенцијали, со поддршка на Владата, односно ресорното министерство и локалните самоуправи.

Државата ја намали партиципацијата за студентите во т.н. приватна квота. Дали и како тоа ќе влијае на квалитетот на наставно научниот процес?

Висината на надоместоците што ги плаќаат студентите при запишувањето во прва година во различните категории – редовни во државната квота, редовни со кофинансирање и вонредни студенти на државните високообразовни установи, со самиот факт што се финансирани од буџетот на РМ, е во надлежност на Владата на Република Македонија.

Намалувањето на износите претходно предложени од страна на јавните универзитети е независна категорија во однос на утврдените базични стандарди за работа односно, во конкретниов случај, тоа значи дека УКЛО и понатака останува фокусиран на обезбедувањето квалитет во реализацијата на наставно – образовниот процес и во сите останати сегменти од своето функционирање.

Дали на студентите во новата учебна година ќе им се понудат новини за полесно, но и поквалитетно совладување на градивото?

Секоја нова академска година на УКЛО претставува предизвик за воведување новини што водат кон подобрување на наставно – образовниот процес. Академската 2010/2011 ќе стартува, покрај вообичаената образовна понуда, со нови и атрактивни насоки. Тоа се насоката за нутриционузам на Технолошко-техничкиот факултет во Велес и насоката за исхрана, диететика и гастрономија на Факултетот за туризам во Охрид. Дополнително, се надоврзуваат и новите насоки на Факултетот за администрација и менаџмент на информациони системи, а тоа се менаџмент на информациони системи во здравството и управување со јавни политики. Не заостанува ниту диверсификацијата на образовната понуда за втор циклус студии каде, заради потребата на студентите за заокружување на сопственото високо образование, се забележува тренд на се помасовно запишување. Освен континуираниот процес на осовременување, дополнување и проширување на образовната понуда, се настојува новите студиски програми и осовременетите наставни содржини на сите предмети да ги следат европските и светските текови, односно развојот на новите занимања во 21-от век, а притоа да се во функција на потребите на стопанството, индустријата, пазарот на трудот.

Стопанствениците се жалат дека не добиваат доволно остручени кадри, кои брзо би се вкучиле во процесите. Како да се ублажат разликите на потребите на стопанствениците и студентските програми?

Нашиот Универзитет презема низа активности токму во насока на приближување до потребите на стопанството. Уште со стапувањето на должност на оваа ректорска гарнитура отпочна процесот на редовни средби, состаноци со стопанствениците, беа склучени повеќе договори со коишто ваквите релации на некој начин се институционализираат и паралелно, покрај другото, се овозможува обавување на толку потребната практична настава за студентите со цел, по дипломирањето, да се олесни нивната интеграција во професионалните средини. На покана на УКЛО, некои стопанственици одржаа и предавања за студентите, а исто така беа инволвирани и во повеќе случувања на Универзитетот, дури и на оние со меѓународен предзнак со цел да се обезбеди ефикасен линк при аплицирањето во европските програми за соработка универзитет – стопанство и толку потребниот фитбек од крајните корисници којшто може да послужи за реализација на студиски програми и содржини по мерка на непосредното опкружување односно стопанството, индустријата, локалната самоуправа.

Покрај правосудството, државната администрација, здравството, и универзитетските професори често се на удар на јавноста за корумпираност. Како се справувате со оваа појава. Каква е контролата на квалитетот на оценувањето?

Универзитетот претставува највисока високообразовна установа чијашто општествена позиционираност, по дефиниција, заради вредностите што универзитетот ги застапува и промовира, е транспарентна што значи и со голема општествена одговорност и отчетност. Универзитетот не може да биде имун на некои негативни случувања меѓу кои, и корумпираноста. Наша задача е постојано да се справуваме и бориме со таквите идентификувани појави и во таа насока да спроведуваме постапки. Воведуваме механизми за спречување и отстранување. УКЛО, со сета свесност за својата општествена позиција, неколку години по завршувањето на претходниот евалуационен циклус, повторно го отвора процесот на евалуација што преку самоевалуацијата и интерната евалуација ќе биде заокружен со екстерната евалуација. Во меѓувреме, единиците во неговиот состав самоиницијативно, во повеќе наврати, реализираа процеси на самоевалуација во сопствените средини. Контролата на квалитетот на оценувањето претставува значаен сегмент во овој процес што се доведува во корелација со многу други фактори што влијаат врз квалитетот на наставно – образовниот процес.

Постојат тенденции за нагризување на автономијата на Универзитетите. Како ќе ја одбраните самостојноста?

Автономијата на универзитетите е стекната и уставно загарантирана придобивка, а тенденциите за кои зборувате постоеле, постојат и ќе постојат. Како највисока автономна јавна високообразовна, научна, односно уметничка установа која го обезбедува единството во вршењето и развојот на високото образование, науката, уметноста, Универзитетот ги препознава академските вредности како свои фундаментални и трајни карактеристики и е посветен кон она што значи проследување и ширење на знаењето. Секако дека академската слобода во создавањето, ширењето и продлабочувањето на знаењата е примарна, базична академска вредност, меѓутоа фактот што станува збор за највисока јавна установа логично имплицира дека институционалната автономија треба и терминолошки и фактички да биде правилно разбрана и имплементирана. Односно, Универзитетот, заради својата највисока општествена позиција, не може и не смее да биде разделен од својата општествена транспарентност, одговорност и отчетност. Впрочем, степенот на автономија на една високообразовна установа претставува баланс помеѓу повеќе фактори на независност како што се парцијално или целосно управување со буџетот во зависност од тоа дали станува збора за државен буџет или сопствени средства, целосна автономија во конципирањето на сопствената развојна стратегија, позиционирање на Универзитетот на национален и интернационален план, креирање на образовната понуда,управување со човечките ресурси, регрутирање и селекција на студентите, евалуација…

Расте бројот на постдипломците со растот на приватните универзитети, не секогаш комплетно акредитирани. Паралелно со сомнителните акредитации, се повеќе професори ,,бегаат,, во приватните универзитети. Како да се ублажи флуктуацијата на најквалитетните универзитетски кадри?

Во согласност со Законот за високо образование, акредитацијата е во надлежност на Одборот за акредитација како тело самостојно во својата работа што одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност и според воспоставените критериуми и стандарди за акредитација. Нашиот Универзитет не се соочи со феноменот на флуктуација на кадрите иако се разбира дека со отворањето на приватните универзитети и факултети имаше такви изолирани случаи. УКЛО, секогаш, промовирајќи ја својата заложба за воспоставување соработка со други универзитети, со посебна одлука го регулира ангажирањето на своите професори во единица на друг јавен или приватен универзитет. Регулативата предвидува одлука на Наставно-научниот совет на матичната единица и одлука на Ректорот на Универзитетот, а во зависност од потребата за ангажман на ваков кадар во рамките на матичниот универзитет. Меѓусебните права и обврски се регулираат со Договор склучен помеѓу професорот и единицата, односно Универзитетот, каде тој се ангажира.

Каква е состојбата со научно истражувачката работа на универзитетот во Битола?

По дефиниција, основата на универзитетското функционирање ја чини единството на научно – истражувачката и наставно – образовната дејност, но и покрај свесноста за значењето, овој специфичен сегмент не секогаш успевал да остане имун на некои општествени прилики што довеле до одредени противречности или помалку или повеќе рестриктивни ситуации.Фундаменталната наука се реализира на трите научни институти на Универзитетот, инаку единствени од овој вид во државата и во форма на индивидуален ангажман на кадрите на факултетите. Болоњската декларација како базичен документ, но и останатите значајни европски документи публикувани по разни поводи како резултат на трансформациите и трендовите што таа ги генерираше, “ја враќаат” науката на универзитетите во својство на “компаративна и компетитивна предност”. Наставно – научните работници од единиците во состав на УКЛО, преку основните, развојните и применливи истражувања, подготовката, реализацијата и евалуацијата на научните и стручните проекти, како и имплементацијата на постигнатите резултати во постоечките научни области, придонесуваат за унапредување на науката на Универзитетот. Во рамките на своите надлежности, Сенатот, Ректорската управа, Ректорскиот колегиум зајакнат со проректор за наука како и Комисијата за научно – истражувачка работа преземаат активности за спроведување единствена политика во оваа стратешки значајна област во согласност со програмата и планот за нејзина реализација. Во последниов период се случуваат крупни промени во научно – истражувачкиот домен на национално, но и интернационално, поточно европско ниво. Денес, Македонија го ужива статусот на придружна членка на Европската седма рамковна програма (FP – framework programme) како главен инструмент за финансирање на научноистражувачката работа и истражувачко – развојните активности во Европа, односно рамка за активности на полето на науката, истражувањето и иновациите на ниво на ЕУ. Денес, УКЛО може да се пофали со полноправно учество во три потпрограми од Седмата рамковна програма (CIVITAS, PEOPLE, COLLABORATIVE PROJECTS), со проекти од кои во едниот се јавува и во улога на координатор како и преку национално – контакт лице (НЦП) од својата академска средина одговорно за промоција и помош во програмата. Покрај тоа, веќе две години последователно нашиот Универзитет единствен во Македонија ја добива кандидатурата за домаќин на европскиот настан “Ноќ на истражувачи”.

Какви се искуствата од инсталацијата на интеграцијата на фукултетите?

Искуствата од спроведувањето на, така да се рече, на најзначајната реформа во високото образование чијашто крајна цел претставува “интегрираниот универзитет” се претежно позитивни. Приближувањето до европскиот модел на високо образование неминовно бараше и промена на законската регулатива, со цел организациската поставеност на универзитетите да го следи моделот присутен во европските универзитети. Повеќегодишните напори вродија со плод и досегашните анахрони модели се напуштија, а универзитетите, преку системот на интегриран универзитет, се стекнаа со поголема самостојност што е всушност модел на организација на високообразовните институции во европските држави пришто одредени сегменти од правниот субјективитет на факултетите се губат за сметка на универзитетот. “Силни универзитети за силна Европа” е слоганот, мотото на сите современи процеси во европското високо образование, затоа што во основата на оваа филозофија на функционирање лежи фактот дека само ако универзитетите се силно интегрирани можат да бидат препознатливи на национален и особено интернационален план.

Каква е меѓународната соработка?

Меѓународната соработка претставува исклучително значајна компонента во развојот и афирмацијата на УКЛО, а истата е особено интензивирана во последниов период. За тоа сведочи бројката од 33 склучени билатерални договори и протоколи, а покрај повеќегодишното активно членување во меѓународни асоцијации како ЕУА – Еуропеан Университѕ Ассоциатион (Европската универзитетска асоцијација), BUN – BALCAN UNIVERSITY NETWORK (Балканската универзитетска мрежа), од неодамна УКЛО стана членка на светската асоцијација на универзитети – AU-INTERNATIONAL UNIVERCITY ASSOCIATION. Нашиот универзитет е особено активен во интернационалните и регионални мрежи и програми за соработка, како што се: CARDS – TEMPUS, INTERREG, CEEPUS, FULBRIGHT, DAAD и други. Зад богатото портфолио на TEMPUS програмата на УКЛО стојат бројни заеднички проекти, проекти за структурни, комплементарни мерки, регионални проекти, а импактот на “новата генерација европски програми” – 2007 – 2013, не го заобиколи ни УКЛО заедно со останатите универзитети во државата со самиот факт што некои сегменти што се дел од програмата “Доживотно учење” на ЕУ, како резултат на кандидатскиот статус, конечно се отворија и станаа достапни за нашите универзитети.

Со одлука на Европската комисија Бр. 09- 82865 од 22.04.2009 година, УКЛО е носител на Еразмус чартер доделен од Извршната агенција за образование, аудиовизуелни политики и култура (Едуцатион, Аудиовисуал анд Цултуре Еџецутиве Агенцѕ), (Референтен бр. 255200-ИЦ-1-2009-1-МК-ERASMUS-EUC) којшто ги отвора можностите за учество во најстарата европска програма за мобилност. Фокусирањето и интензивирањето на меѓународната соработка врз сегментот мобилност, како обележје на последниов период, особено се манифестира со учеството на УКЛО во проектот BASILEUS (BALCAN ACADEMIC SHEME FOR INTERNATIONALISATION AND LEARNING TOGETHER WITH EU) од програмата ERASMUS MUNDUS EXTERNAL COOPERATION WINDOW којашто всушност претставува уште една иницијатива на ЕУ за поттикнување на соработката, овојпат преку размена, мобилност меѓу европските и универзитетите од Западен Балкан. На Универзитетот веќе се видливи првите резултати од проектот и извесен број студенти и академски кадри ги почувствуваа почетните бенефити и реализираа и реализираат мобилности на странските универзитети, а прифатени се и апликации за повеќе влезни мобилности. Уште една можност за Универзитетот и единиците во неговиот состав претставува вклучувањето во ЦЕЕПУС мрежата ( CENTRAL EUROPIAN EXCHANGE PROGRAM FRO UNIVERSITY STUDIES ) востановена како програма за академска размена во рамките на средноевропските земји преку којашто се осигуруваат стипендии за студентите и универзитетските професори коишто учествуваат во овие мрежи. Во контекстот на меѓународната соработка треба да се споменат уште две успешни форми дизајнирани за талентирани и мотивирани студенти студенти од Југоисточна Европа во кои УКЛО учествува од самите почетоци. Станува збор за Меѓународната летна академија и за Меѓународниот СимЛаб-курс како дел од проектот поддржан од ДААД Реконструкција на високото образование во земјите на Југоисточна Европа.

 

Интегрирањето во семејствата на поразвиените универзитети

Какви стандарди треба да достигнат Универзитетите, универзитетските дипломи од Македонија да бидат верификувани во Европа и САД?

Нашите досегашни искуства на овој план се во најголема мера позитивни и се темелат на “фитбекот” што го добиваме од дипломираните студенти на УКЛО коишто професионално се ангажирани во странство. Секако дека престојат активности за постигнување повисоки стандарди во наставно-образовниот процес, компатибилни со европските, светските и нашето целокупно работење е насочено кон обезбедување на таквиот квалитет во правец на приближување и што поскоро интегрирање во семејствата на поразвиените универзитети што ќе значи целосно признавање на стекнатите знаења на матичниот универзитет и нивно соодветно вреднување во странство.

 

Нов квалитет во наставно образовната дејност,

Како оди имплементацијата на кредит – трансфер системот?

Кредит – трансфер системот претставува заокружен, целосно имплементиран процес на сите студиски програми во прв и втор циклус на студии, со соодветна регулатива и придружна документација, а за што многу значајна поддршка претставува усвоениот Правилник за единствениот кредит – трансфер систем и преминот од една на друга студиска програма, односно од една на друга единица на Универзитетот. Во согласност со овој акт на УКЛО е формирана мрежа од одговорни лица за реализација на ЕКТС, а значајно е да се споменат и Правилникот за компатибилност на изборните предмети со којшто се обезбедува толку потребната комплементарност во примената на Правилникот за ЕКТС и останатата придружна документација како и Додатокот кон дипломата (документ што веќе почна да им се издава на студентите при последниве промоции на дипломирани студенти) – како нов квалитет во наставно-образовната дејност на УКЛО, затоа што со својата содржина, внесуваат единствен пристап во третирањето на клучните елементи на Болоњскиот процес: студиските програми, примената на ЕКТС, изборноста, односно компатибилноста на студиските програми/предмети, реализацијата на мобилноста и сл.

Loading