КРЕАТИВЕН УМЕТНИК

Во Гимназијата

Доколку не го освоеше првото место на натпреварот од НВО “СЕГА” за “Промовирање на меѓукултурниот дијалог меѓу младите во Македонија”, немаше да знаеме дека Милена Трајкоска е многу креативен, инвентивен и иницијативен ученик.

Сега е прва година и ова и е прва награда по ликовно во средно образование. Инспирација црпела од секојдневието на младите. Цртежот, сликан со темперни бои, го претставува македонското знаме во заднина и подадени раце од разни етнички заедници. Првото место го зела во конкуренција на ученици од прва до четврта година од сите средни училишта од Прилеп, Охрид, Струга, Тетово и Теарце. Повеќето од сликите се во електронски каталог на НВО “СЕГА”. За менторството од професорката Виолета Блажеска и гимназијата добила благодарница. Од “СЕГА” ветуваат понатамошна соработка.

Сликањето е мозаик од творечкиот дар на Милена. Почнала да црта, гледајќи ја мајка í. Подоцна цртала во основното “Блаже Конески”, каде го создала логото за манифестацијата “Илинденски денови”. Младата гимназијалка има две важни награди од ликовно, а како што кажува има цела папка со награди од конкурсите по македонски јазик.

Од литературните, најмногу ја цени добиената за збирката “Мајтапи и вицеви од Прилеп”, за која била почестена на вечерата со Благоја Спиркоски – Џумерко, кој, иако е надалеку познат мајтапчија, морал “да симне капа” и да ја бакне за рака.

Ветува и како актерка и досега е покажана како одлична во главната улога на комедијата “Кумови” од театарската дружина  “чин 4 сцена 5”. Се подготвува за новата претстава, “Тој луд свет”, која е пандан на мјузиклот “Брилијантин”, но аранжирана за наша публика. И таму ја глуми главната улога – Цвета, која ја пресликува холивудската ѕвезда Оливија Њутн – Џон, девојката на Џон Траволта во истоимениот филм.  

Loading