ЗИМСКА НАГРАДА ЗА НАЈУСПЕШНИТЕ ОСНОВЦИ

Најуспешните ученици од сите основни и подрачни училишта од градов ќе бидат заслужено наградени со шест дневен престој и изградба на Зимскиот град во Бунец, Маврово.

Златко Думбалоски, наставник по физичко од ОУ “Добре Јованоски”, рече дека по повеќегодишна пауза, градов повторно праќа 17 ученици од седмо и осмо одделение на манифестацијата, кои биле избрани за првенци на генерацијата и се успешни ученици на повеќе полиња, придружувани од двајца наставници. Иницијативата е од младинската организација Карпош од Скопје, а од цела Македонија се очекува да учествуваат преку 200 ученици. 

До 16-ти февруари градбата на Зимскиот град ќе биде завршена, а сите заинтересирани граѓани ќе можат да ги видат делата на 27 февруари, кога ќе биде организиран карневал.

За успешните ученици важи правилото дека се повлечени и не се фалбаџии, туку оставаат делата да зборуваат за нив. Од мноштвото камери и фото апарати, храброст собра седмодделенецот Бојан од ОУ “Блаже Конески”, кој едвај чека да стигне во Бунец и да започне да збира снег и од него да прави коцки како цигли за градбите. Со нетрпение ги чека и забавните настани меѓу кои ќе има избор на снежна убавица, бал под маски и многу дружење.

Loading