Автобус само за лете

Првите автобуси по ослободувањето во 1945 година, кои ги крстареле прашливите патишта во земјава, а ретко и подалеку, останаа само во спомените на патниците и на по некој од преживеаните возачи. Автобусите биле “откриени одавде – онде”, да ги пренесуваат луѓето за мака и за арно до Охрид. Зашто, за Скопје и за Битола, функционирала железницата. За другите градови, освен пајтоните, кои ги превезувале малкуте останати потомци на чорбаџиите, се користеле неколку автобуси кои еднаш или двапати неделно возеле доваму-дотаму. Крнтиите оставени од Германците и од Англичаните најчесто се наоѓале од кај јужниот сосед. Со затегенувањето на односите по граѓанската војна во Грција, големите автомобили за превоз по десетина патници, биле носени во градов од Столицата, од Белград, се разбира преку Скопје. Неколкуте во Прилеп биле ветви, небаре камиони, само за летни превози, зашто стаклата биле искршени, а и подовите зјаеле од сите страни. Дури и покривот прокиснувал, оти бил издупчен од рафали. Такви биле времињата на почетоците на автобускиот превоз. Кога Тито се смири со Хрушчов по Инфорбирото на Сталин, стигнале и “подобри” автобуси од руско потекло. Тие барем не протекувале и биле нешто понови од повоените.

Loading