ПРИЛЕПЧАНИ СТАРЕАТ И СЕ РАЗБОЛУВААТ

За 80 отсто поголем бројот на корисници на правото за помош и нега од друго лице отколку пред 5 години

Бројот на корисници на правото за помош и нега од друго лице, е зголемен за 80 проценти од пред пет години. Ако во 2016 – 2017 година имало околу  1800 корисници, сега се 3120 уживатели на туѓа нега во трите општини. Или Прилеп – 2323, Долнени – 609 и Кривогаштани – 184 лица, информираат од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп. 

Анализата и статистиката на социјалната установа укажува дека причината на зголемениот број на корисници на популарно кажано, туѓата нега се должи на два сегменти, едно е дека населението старее, а другата компонента е дека луѓето се подложни на разни заболувања.

– Старосната граница на корисници се намалува. Евидентни се корисници под 65 години, особено со канцерогени заболувања, постоперативни третмани. Почести се и психичките заболувања, деменција, атеросклероза, алцхајмер – објаснува Зоран Малкоски, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп.

Секој кој има здравствен проблем и е постар од 26 години може да се појави пред комисијата доколку има здравствени проблем. Инаку, најмладите корисници на туѓа нега се лицата со попреченост кои по 26 години, добиваат туѓа нега, но без да одат на комисија.

Како до туѓа нега?

Барањето за остварување на надоместок за помош и нега од друго лице се доставува до Меѓуопштинскиот центар за социјална работа заедно со медицинската документација, наод и мислење од матичен лекар и Бартелов индекс за проценка на способноста на лицето и медицинска документација од специјалист не постара од 6 месеци. Матичниот лекар закажува термин за стручната комисија. Од пред 4-5 години комисијата е формирана на локално ниво и е составена од офталмолог, интернист и невропсихијатар и се наоѓа во Здравствениот дом, Уредот, во поранешната амбуланта за белодробни заболувања. На комисија се појавува лицето со придружба и се врши проценка. Законот нуди можност, за оние кои се во тешка здравствена состојба, со доказ од матичниот лекар за спреченост и неможност за траснпорт, на комисијата да се појави блиско лице на барателот. Комисијата издава наод и мислење и определува период на користење на правото. Проценката е во согласност со правилник на комисијата и листата на трајни и привремени попречености. Најчесто правото се користи 6, 12 или 24 месеци или трајно кај лице без можни промени на здравјето, а по статистика нивниот број е многу мал.

Гордана Велјаноска, педагог

ПОТРЕБНИ СЕ ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА

Љубов, нега и грижа на децата, освен биолошките родители, може да му подарат и згрижувачките семејства. За жал, Прилеп од најхуман град со најголем број и интерес за отворање на вратите на домот за лицата кои не се членови на семејството, а им треба подадена рака, станува град во кој се намалува бројот на прилепчани со големо срце. Ако Прилеп уште во 1978 година имал згрижувачко семејство и бил меѓу првите пет градови со над 30 згрижувачки семејств, сега, според евиденцијата на МЦСР, има 21 згрижувачко семејство. Три семејства се без сместени деца, а во 18-те има 25 деца, меѓу кои има и згрижени лица над 18 години. Три семејства згрижуваат врз основа на роднински врски. Во државава има 300 згрижувачки семејства.

– Причина за намалениот број на згрижувачки семејства е што се зголемува возрасната старост на згрижувачите, нивната здравствена состојба се влошува, расте возраста на згрижените деца, а со тоа и нивните потреби се зголемуваат и стануваат проблем на кој згрижувачите не можат да одговорат. Имаме само три потенцијални семејства. Згрижувачите претежно се интересираат за деца со општа добра здравствена состојба, а згрижувачи за деца со посебни потреби речиси и да нема. Немаме специјализирани згрижувачки семејства, а исто така нема и згрижувачки семејства за деца од најрана возраст – вели Гордана Велјаноска, педагог во МЦСР.

Згрижувачите треба да се во добра здравствена состојба и нема ограничување за нивната возраст. Треба да имаат добри станбени услови, соодветно катче за сместеното дете, да не се осудувани, да не им е одземено родителското право и деловната спосоност, да бидат хумани и да не се водат од материјални побуди.

– Со законските измени од 2019 година како критериум се и материјалните услови, односно личните приходи, според бројот на членовите, да се над износот кој би го добиле од згрижувачкото право. Порано, освен хуманитарниот мотив, беше и материјалниот. На пример, двочлено домаќинство без деца, треба да има минимален приход од 8-10 илјади денари во домаќинството. Висината на надоместокот е различна, во зависност од здравствената состојба на згриженото детето. Ако во згрижувачкото семејство има едно здраво дете, износот е 19 илјади денари месечно, а за дете со пречки – 25 илјади денари. За секое наредно згрижено дете, износот е помал. Ако има две деца со пречки, износот ќе биде 43 илјади денари. Треба да доминира хуманиот аспек, средствата можеби не се доволни за потребите на детето, но и згрижените деца добиваат и право на детски или посебен додаток после 26 години – објаснува Велјаноска.

Не може да се утврди точно колку деца чекаат за згрижување во семејство. За децата кои се во домот за доенчиња во Битола чиј старател е МЦСР, се бараат згрижувачки семејства како најдобра форма. Потенцијалните згрижувачи треба да минат обука.Потоа се прави проценка и по добивање на сертификатот дека стекнале стастус на згрижувач, се стануваат потенцијални згрижувачи.

РОДНИНСКО ЗГРИЖУВАЊЕ

Роднинското згрижувачко семејство е понова форма на згрижување. Згрижувач може да биде роднина од страна на детето: баба, дедо, тетка, чичко или вујко. Односно се згрижува детето од брат или сестра кое останало од различни причини без родители или родителска грижа. Тоа е најблиската форма бидејќи се грижат лица кои се во блиска емоционална врска и добро е детето да остане во семејството. Износот е понизок во споредба со обично згрижувачко семејство бидејќи се смета дека обврска е на роднините да се грижат и е околу 13 илјади денари за едно дете.

Loading