Леб од желади во Мариово

Околу клисурата на Црна Река, меѓу Пелагонија и Тиквеш, во Мариово уште се памети стариот патријархален начин на живот, што се гледа во материјалната и духовната народна култура. Кај старите мариовци и денеска е добро познат лебот од желади. Населението го викало желадов леб. Покрај другите особености на народниот живот и адетите, уште се негуваат стари “црти”, кои водат во далечното минато и примитивноста.

Најтипичен начин на живот е употребата на желадовиот леб, со кој мариовците до Првата светска војна и за време на гладните години, се хранеле и живееле. Бил главна и редовна храна на сиромашното население, особено во зима до новата летнина. Употребата на желадовиот леб претставува најстар и најпримитивен начин на човечката исхрана.

Жителите на планинските сточарски села во Мариово, како Вепрчани, Гуѓаково, Галишта и др. имале пред Првата голема војна секој свој “забел”, со дабова шума. Секоја куќа знаела кој е чиј забел, оти имало меѓи на кои се внимавало како на меѓите меѓу нивите. Се знаело како се делат семејствата кога ќе ја делеле сермијата, забелот. Со сечење на дабовите со секири се омеѓувале новите забели. Забелите биле штитени заради дабовата шума, но и поради богатиот плод на дабовите стебла со желади. Мариовските забели биле родни и раѓале многу желади. Секоја фамилија собирала најмалку 1000 ока годишно. Поголемиот дел од желадите останувале под дабовите стебла за исхрана на свињите и делумно за храна на говедата, овците и козите. Мариовското поле било посно. Се велело дека нема погладно. Гладно било населението кога ќе фатело суша, односно неродна година и ќе го изгорело малкуто жито што се раѓало. Недостасувало храна секоја зима. Тогаш надежта била во забелите. Гладот се згаснувал со желадов леб. Така било за неродната 1894 г. Се паметат уште многу други гладни години.

Како за останатата летнина, мариовците се грижеле за бербата на желадите. Кога ќе узрееле во есен, желадите се береле и се оставале добро да се исушат на сонце. Потоа ги чувале во “сокници”. Дел од желадите за човечка исхрана, првин се ставале во фурна да се загуби горчливиот вкус и влагата и да се добие попријатен вкус. Печените желади потоа се носеле во мелница да се мелат. Тако се добивало желадово брашно, кое се месело вообичаено за да се пече желадов леб. Сиромашните мариовци биле задоволни, оти се прехранувале до новата жетва. Лебот од желадово брашно не бил како обичниот со пченично брашно, оти ниту киснел, ниту се печел, ниту убаво нараснувал. Ама бил добар во обезбедување на ситост од гладта. Овој леб бил зиме на трпезата и за време на бугарската окупација 1915-1918 г. во близина на боиштето на Солунскиот фронт. Но, Бугарите сечеле и уништиле големи пространства од дабовата шума. Оттогаш постепено се загубува и исчезнува овој начин на прехранување. Во 1924 г. ретко можело да се наиде на желадов леб, а мариовците не можеле да ги прежалаат дабовите забели со плодови, кои им се најадувале во неволја од глад. Бугарскиот зијан не можеле да го простат, оти се исекле дабовите, а со тоа и храната.

Исхраната на мариовците со желадов леб е традиција од пред  средновековието. Науката кажува дека дабовите плодови одамна служеле за човечка исхрана. Според грчката митологији, желадите биле единствена човечка храна пред воведувањето на културата на житото. Бидејќи владеела оскудица и за овој вид на храна во Стара Грција, желадите во мали количества се принесувале како жртва за одоброволување на боговите, а повеќе ги омилостувале со листови од даб. Старите Грци го опевале дабот поради плодот и го нарекувале како своја “мајка која ги храни”. Сметале дека е штета и грев сечењето на дабовите стебла кои раѓаат желади. Некои племиња верувале дека првото растение на земјата е дабот. За најстарото растение се припишуваат големи успеси во вештините на подготовката на желадите во храна.

Во античкото време се разликувале три вида дабје, а жителите знаеле за пет, според вкусот на желадот за јадење. Во неки делови на Стара Грција се расадувал дабот заради желадите за храна. Жителите ги јаделе печени, но и сурови. Населението го викале желадојадци. Значи, мариовците, населени во областа Стара Македонија, каде уште од античко време имало грчко влијание, се најдени културни траги во подготовката на желадовиот леб.

Употребата на желадите за човечка и за сточна храна во Мариово била значајна етапа од животниот пат на населението и пронаоѓањето на начини за опстанок.

Loading