ПОТРЕБНА Е КОРЕКЦИЈА НА ЦЕНАТА ЗА ПРЕСТОЈ КОЈА Е НЕПРОМЕНЕТА 20 ГОДИНИ

Христина Трпческа, директор на ЈОУ Детски градинки ,,Наша Иднина”

“Симболична е цената на услугата за престој на децата во градинките споредена со трошоците за храна и одржување на објектите. Потребна е корекција која ќе овозможи непречено функционирање на јавната установа. И со новата градинка во Точила која ќе прими 250 деца, останува потребата за уште објекти, а за чија цел се проектира и друг сместувачки простор во општината Прилеп”.

Ова го нагласува Христина Трпческа, директор на ЈОУ Детски градинки ,,Наша Иднина”.

Иако капацитетот на детските градинки е 1020 деца, од почетокот на септември запишани се 1340 деца во кои се вклучени и 25 деца преку проектот за инклузија на децата Роми во објектот во Тризла. Дневно се присутни просечно околу 1 100 деца. Има месеци кога има 1230 или 800 деца во летните месеци.

Успеваат да се справат со напливот на корисници, иако кубурат со помал број на вработени. Две ипол години немаат согласнот за вработување, а недостасуваат 12 лица, негователи, воспитувачи, готвач, хегиничари, садомијачи, во шесте објекти, Бончејца, Аличаир, Тризла, Гоце Делчев, Работничкиот универзитет и Рампо Левката. Имаат потреба и за стручни работници. Рангажирани се само еден дефектолог и два логопеда. Немаат виша медицинска сестра, социјален работник…

Субвенцијата од државата е над 10 илјади денари по дете, а родителите плаќаат 1490 денари месечно. Цена не е променета 20 години.

– Цената на услугата е ниска. Трошоците за храна и електрична енергија постојано растат. Потребна е корекција, барем на 2 000 денари. Советот ќе треба да одобри, доколку се побара зголемување на цената од која се плаќаат сите трошоци во објектите, за храна, дополнително греење или ладење, одржување на зградите, трошоците за униформи, систематски прегледи и други расходи. Во другите општини во неколку месеци, општините ги покриваа трошоците во интерес и ослободување на родителите – вели Христина Трпческа, директор на ЈОУ Детски градинки ,,Наша Иднина”.

Недостасуваат стручни лица.

– Имаме еден дефектолог и двајца логопеди кои не се доволни бидејќи секоја година расте бројот на деца со пречки во развојот. Лани згрижувавме 47 деца кои имаат целосна инклузија со врсниците. По систематизацијата потребни се виша медицинска сестра, социјален работник и психолог. Негувателите се плаќаат преку општинскиот буџет. Потребна е согласност од Министервото за финасии и Министертвото за социјална политика, демографија и млади. Постојано праќавме барања, но не добивавме никакви одговори – вели  Трпческа.

На списокот за чекање е со над 200 деца. Има интерес за престој во детските градинки.

– Во новата градинка има потреба за 39 вработувања. Комисијата од ресорното министерство треба да направи увид дека се отстранети констатираните недостатоци, по што ќе следи административната процедура за пуштање на градинката во употреба. Прередена е дрвената ограда на скалите која била со поголемо растојание меѓу пречките, поставена е ограда на детското игралиште, коригирани се лимовите на терасите, преградени се тоалетите, штекерите се повисоки. Наместо три јаслински групи, ќе има една, заради недостатокот од санитарни јазли со тоалетни шолји. Или, вкупно во новата градинка ќе има 11 групи од 252 деца – објаснува Трпческа.

И со новата градинка во Точила, ќе недостасуваат простор. Не само Прилеп, сите поголеми градови се соочуваат со недостаток на градинки.

– Според законските норми, сега групите се побројни, со новите градинки ќе се намали бројот на децата со што ќе се работи посветено,  полесно и подобро, што впрочем го покажа и короната кога групите на пример од 5 и 6 години броеа 15 деца, а не како сега над 25 за што имаме согласност од советниците во Општината за работа со поголем број. На Прилеп му е потребна уште една градинка, покрај новата во Точила. Менталитетот се менува. Порано децата растеа со баби и дедовци, а сега свеста е развиена за придобивката што ја добива детето од престојот во установата. Има земја во кои децата на три или четири годишна возраст се обврзани да посетуваат градинка – вели Трпческа.

Корисниците на социјална помош се ослободени од плаќање. Соработуваат со неколку општествено одговорни компании. Мината година се иселиле 13 – 14 деца.

Приемот на деца е од 6 до 8.30 часот, а престојот завршува во 17.30 часот.

НОВ ПОКРИВ ВО БОНЧЕЈЦА

Во летниот  период извршени   се одредени зафати за реконстррукција.

– Во Гоце Делчев реновиран е подот, набавен е нов инвентар за три занимални. Во Бончејца се менува и покривот и оградата. Речиси сите објекти се варосани.

ПОДГОТОВКА ЗА СЛЕДНО СКАЛИЛО

Престојот во градинка е незаменив. Освен социјализацијата и воспитно образовните елементи, се поттикнува и развојот на децата.

– Работиме по програма за рано учење и развој. Низ дневните активности се поттикнува развојот на децата, физичкиот и социо – емоционалниот и конгнитивниот – вели Трпческа.

Loading