Неколку десетици ученици од прилепските основни училишта уживаа во скијањето во Зимскиот камп на Попова Шапка. Им се насладуваа на снежните лудории, но и пливаа и се забавуваа. Многумина го проширија и другарството.
Иако, генерално на Попова Шапка тргнаа заради снегот кој го имаше во изобилство, убавини видоа и во топлите води на базенот. Многумина од нив првпат застанаа на скии, но имаше и такви кои веќе сигурно стојат на долгите лизгалки и без никакви проблеми знаат да се спуштаат низ удолнините и безбедно да сопрат. Оние пак другите, “јаваа ” на санките, некои се натпреваруваа во прецизноста со фрлањето на снежните топки. И кога на сите убаво ќе им се зацрвенеа носињата, и ќе им измрзнеа прстите од нозете, се препуштаа на топлите води во базенот, каде на мускулите им правеа уште еден тренинг. Надвор снег, а тие уживаа во водната средина која е привилегија за овој период од годината. Потрошената енергија, како на снегот, така и во водата, ја надоместуваа со вкусните оброци задоволувајќи го апетитот кој силно го разгорува чистиот планински воздух.
Имаа доволно време за забава, за колективните игри, но и мигови за ширење на нови познанства и другарства.
Долго ќе го паметат зимскиот распуст на Попова Шапка. Уште повеќе што годинава деновите за одмор се зголемија заради пролонгираниот почеток на второто полугодие.