ОЧЕКУВАЊЕ НА НОВ ГОЛМАН

Фудбал: Подготовки на прволигашот Победа

– Тој треба да им се придружи на Давор Талески и младинецот Даниел Котевски

Snezni treninzi - Pobeda

Уште на стартот од подготовките, на 8 јануари, се чинеше дека е заклучен списокот на првотимците кои напролет ќе го носат дресот на прволигашот Победа, а предвид беа земени 27 фудбалери. Меѓутоа, како обично им се случува и на најголемите светски клубови, дојде до мали промени, така што се појавија празнини што мора да се пополнат. Во нападот како засилување беше планиран повратникот од Хрватска, Зоран Даноски, но во последен момент стигна веста дека меѓу него и клубот не дошло до договор. Слично е и со голманското место, каде беше најавен битолчанецот Дарко Ристевски. Тој досега нема одлучено и уште не се појави во Прилеп.

Клубот, се разбира, презема брзи мерки и се очекуваат решенија. Конкуренцијата во екипата на Зоран Штерјовски можно е да се засили со некој од тројцата странци на проба: Бразилците Тијаго и Рафаел – играчи за врска, Србинот Драган Стојковски – десен бек. Во меѓувреме пристигна напаѓачот, Бразилецот Рамон. Според тоа, вниманието наредниве денови најмногу ќе биде свртено кон голманското место. По разделбата со Ванче Манчевски, чувари на мрежата преостанаа Давор Талески и младинецот Даниел Котевски. За сé да биде комплет меѓу стативите, неопходно е да им се придружи трет, искусен, квалитетен голман. Дотогаш Победа е со четворица нови: Србите, офанзивниот за врска Милан Војводиќ и крилниот напаѓач Мирослав Станиќ, Бразилецот, шпицот Уемерсон Рамон и дефанзивниот, централен играч за врска Благојче Коњарски.

Подготовките се в сала, на терените Могила и Вештачка трева, потоа 11 дена во Охрид. Пријателските натпревари се планирани од 27 јануари, а противници ќе бидат: Јавор Ивањица, Борац Чачак (Србија) Крупа Врбас (Б и Х), Турново и Велазерими. Прифатена е поканата за учество на традиционалниот турнир ,,Вуко Каров” во Кавадарци, така што и таму ќе има уште две проверки.

Паричката кај Ѓорѓиоски

Како кај сите православни христијани, според традицијата за Василица, во Победа се вртеше мазник со паричка. Неа ја пронајде највозрасниот, пензионираниот професор Коста Ѓорѓиоски, човек со најдолг стаж во клубот. Тој доби и златен крст, подарок од фирмата ,,Комфи ангел”. Членовите на Управата, тренерите и играчите му посакаа здравје и уште долго да биде активен во саканиот клуб.

Жестоки тренинг-дуели

На снежните терени на Могила и Вештачка трева се одвиваат жестоки тренинг – дуели на два тима од Победа. ,,Портокаловите” играат против ,,црвените”. Има голема борба како на првенствени натпревари за бодови. Никој не сака да губи. Во првите четири меча паднаа многу голови, имаше и хет-трик и највисока победа од 5-0.

Loading