КАРПИ УКРАСЕНИ СО ФРЕСКОЖИВОПИСИ

Недоволно се афирмирани десетици дела

Минатото остава христијански траги во природата. Фрескоживописите на карпи се остатоци својствени за прилепската околина. Свештеници, верници и уметници ја изразувале вербата кон Бога со сликање на светци на карпите. Ги има десетици.

Одолеваат на времето, уште се свежи и не умираат насликаните фрески, ликовите кои зборуваат од карпите. Не се предаваат, иако можеби сонцето, дождот, снегот ќе ги “расплачи” или ќе им ја “уништи облеката” и ликот. Религиозните содржини “ѕиркаат” и цврсто се “држат” за камените подлоги. Предизвикуваат воодушевување кај нашите луѓе и странци. Се прашуваат дали се прогласени за споменици на културата и ако не се зошто. Доколку се чепне подлабоко во историјата и се истражи кога се создавани, ќе се открие причината за нивниот “живот”, какви биле луѓето тогаш, како опстанувале и ќе се најде одговор на бројни прашања кои расветлуваат еден сегмент од историјата.

Најчесто насликан е светецот на црквата во близината. Немаат посебна уметничка вредност, оти се подложни на атмосферски влијанија. Оставени се на милост и немилост на времето, без заштита и внимание. Институциите не се зазеле да ги обележат, заштитат и реставрираат – велат стручнаците.

Најблиска е фреската која се наоѓа на 50 – 60 метри под манастирот Архангел Михаил. Траги од христијански фрескоживопис има во близина на Слонот. Фреската на Богородица со Исус “зборува” од карпата под Бела чешма на патот за Трескавец. На 150 метри од манастирот доминира карпа со остатоци од фрескоживопис.

Пред селото Дабница се издигнала пет – шест метри карпа наречена црква. Дабничани ја викаат Свети Арахангел по насликаниот светец. Пред комунизмот, селаните се собирале да палат свеќи, правеле помени за мртвите и терале обичаи наместо в црква.

Има легенда дека во комунизмот некој човек, кој бил неверник, пукал во насликаниот живопис на карпата. Потоа ослепел и умрел. Покрај карпата т.н црква, имало остатоци од гробови од древни времиња. Карпата се третирала како црковен објект од античкиот период.

Под селото Селце се наоѓа карпа, која селаните ја сметаат за христијанско светилиште. Во посебни природни длабнатина се насликани два фрескоживописа на Свети Димитрија и на Свети Никола. Објектот е заштитен со камена ограда. Местото е култно и асоцира на пештерски простории во карпа, правени со длабење. Во близина има и неколку гробови. Се претпоставува дека е можно да  имало некропола.

Фрескоживописи се забележани под манастирот кај селото Зрзе. На карпите имало значајни фрески од некогашните монашки ќелии. Во Мариово има кај селото Зовиќ. И кај Црна Река, во месноста Светецот. Порано бил фрескоживопис, а сега има икона од Богородица со Исус. Не се знае со сигурност дали била насликана Мајката Божја.

На карпите има насликани крстови со вар или бела боја.

Фреска во Слонот

Карпата во форма на глава на слон под Марковите кули има специфични интервенција од човечка рака.

На повисокиот дел од карпата се препознава издлабена камара од половина квадрат, во кој се уште се видливи остатоци од фрескоживопис. Не мое да се открие кој е светецот на фреската. Тоа упатува дека жителите од древните населби на Варош имале богат духовен живот поврзан за слонот.

Loading