БЕСПЛАТЕН СКРИНИНГ ЗА ХРОНИЧНО БУБРЕЖНО ЗАБОЛУВАЊЕ

Прилеп е меѓу дваесетината градови во кои ќе се спроведе бесплатен скрининг за хронично бубрежно заболување. Ќе бидат опфатени две илјади пациенти од целата држава кои се во ризик да развијат хронично нефро заболување. Бесплатниот преглед ќе почне овој месец и ќе трае четири месеци, а е по повод Светскиот ден на бубрегот – 14 Март. Граѓаните кои се во опасност за развој на хронично бубрежно заболување ќе се контактираат од здравствените установи и ќе бидат повикани на бесплатен преглед.

Хроничната бубрежна болест (ХББ) е прогресивна болест што доведува до трајно оштетување на бубрезите, кое во последниот стадиум се лекува со хемодијализа. Се проценува дека околу 10 % од светската популација страда од оваа болест. Во неразвиените земји, голем дел од заболените остануваат недијагностицирани до последната фаза. Во 2020 година, ХББ била десеттата причина за смрт. Предвидувањата се дека до 2040 година ќе биде петтата најчеста причина за смрт на светско ниво. Хроничната бубежна болест има тренд на раст и претставува значаен глобален предизвик за здравствените системи, бидејќи е скапа болест, проследена со зголемени морбидитет и морталитет. Во Македонија, моментално на дијализно лекување се околу 1 500 пациенти во краен стадиум на ХББ.

Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година, на вториот четврток во март, во повеќе од 200 земји во светот. Македонија е дел од светската кампања од 2007 г., која годинава е посветена на унапредувањето на правичниот пристап за нега и оптимална практика на лекарствата. Оваа 2024 година, мотото на Светскиот ден на бубрегот е „Бубрежно здравје за сите, унапредување на правичниот пристап за нега и оптимална практика на лекарствата”.

Како најчести причини за хроничната бубрежна болест се наведуваат  хипертензијата и дијабетес мелитус, меѓутоа постојат и други причини како гломерулонефрити, лупус, полицистични бубрези, малигни болести на генитоуринарниот тракт, некои генетски болести.

Loading