БРАНАТА Е БЕЗБЕДНА ПО ШЕСТ ДЕЦЕНИИ

Вештачката акумулација потреба за сушни години

Четири метри вода в центар, ако пушти браната

Капка по капка – вирче! Предвидувале земјена брана и на крај да се изѕидала бетонска, висока 36 метра. Вака тргнала идејата за вештачкото езеро, “наполнето” заради спротиставување на сушата, особено на тутунските полиња и да го разблажи горчливиот леб, печален од тутунопроизводството, на илјадниците прилепчани.

Во градбата на акумулацијата од 1963 година, учествувале прилепски инженери. Во потрагата на архивата дојдовме до податоци дека во езерото просечно годишно ќе прибира 5,5 милиони кубици вода  за да се наводнат 6200 хектари. Системот сега би вредел околу 60 милиони евра.

Инженерите уште тогаш предупредувале дека водата е жива работа, која е нужно да се следи и контролира за максимално да се искористи.

– Претстои опасност да се поплави градот и во куќите, ако се прелее водата над браната, што е невозможно или, не дај боже, да надојде таква силна вода која би ги преминала бетонските пречки. Водата може да достигне височина до четири метри, посебно во центарот. Сепак, браната е безбедна, бидејќи се одржува и се следи од сите аспекти, оти темелите í се на длабочина од пет метри – напишал хидроинженерот Христо Иваноски, кој е еден од повеќето инженери.

Според него, првин било предвидено да се гради земјена брана, но се отстапило, заради економичност.

– Браната е како лак. Се акумулираат сливовите на реките Стара река, Пештерица и Заполшки слив од кај Плетвар. Комплицираниот систем мора постојано да се одржува. Инвестицијата била 60 проценти  на Федеративниот фонд, 20 отсто на Републичкиот и 20 проценти на Тутунскиот комбинат. Комбинатот ги отплатил сите кредити и стопанисуваше со водите. Посебна екипа на комбинатот постојано го следеше приливот вода, напукнувањата, оштетувањата – пишувал Иваноски.

Акумулацијата е поврзана со главни, секундарни и терцијални канали. Мрежата е долга над 160 км. Денес се наводнуваат 3200 хектари, оти има многу шахти и канали.

Акумулацијата е неколкупати празнета за чистење до биолошкиот минумум. Таа е под ингеренции на ЈП Водостопанство Македонија.

Loading