ОВЦИТЕ И КОЗИТЕ СЕ СВЕТИ ЗА МАРИОВЦИТЕ

Во Мариово и на сведен, дури и на гробишта кога закопуваат мртовец или кога се радуваат на свадба ли крштевка, едни се плачат, други се фалат,

-Умрел дедо Бојо! Шо го бодеше, дали овци или кози немаше! –  потфрла еден постар.

-Бог да го упокои. Арен беше – арно стори. Ошче еднаш да не прај така – рече еден дооден старец ко да го испраќа умрениот.

-Постилај со свети Петрета и чекај ме по неко лето. Че прајме бачило во рајот, че и дотерам и твојте овци, оти козите одамна се во рајот. Можи си ги најде таму – продолжи стариот.

Помлад потслушна дека стариот се токми за во рајот, па му се обрна:

-Каков е рајот со дедо Боја. Сите невести пиштеа од вас на млади години. Поќе нема и сиренце во петок, и млади невести, и душата во рај. Че вриете, оти лажевте. Сега пишман че бидеш – вели младиот.

-Да поживеам ошче десетина години, та после нека се умира. Така се вели лафот. Ние, овчарите, че си одиме во рајот, оти работевме со светите животни, овците и козите – вели стариот.

-Откаде козите и овците се свети животни – праша младиот.

-Ви се случило кога молзите, некоја овца или коза да се испогани во ведрото?

-Ихааа, многупати. Секој ден. Че го фрлиме со рака изметот и че продолжиме со молзењето – вели младиот.

-Демек, млекото не се тура, а?

-Какво турање! Не сме будали!

-Ај нека го направи тоа што го прават овцата и козата некој од светците, владиците, патриците, па и самиот Ристос, че ве видам дали ќе го омирисате млекото, не пак да го пиете или сирите. Зато само тие две живинки ги признавам за свети.

Loading