СВ. НИКОЛА НА ГОСТИ ЗА СВ. НИКОЛА ВО ПРИЛЕП

– Добредојде во нашиов град, свети оче Николае!

-Добре најдов, почитуван оче! Еве дојде време да одговорам на поканата и да ги посетам библиската Македонија и вашиот, прочуен по верата, град Прилеп.

-Од моето и од името на моите прилепчани, ти благодарам на укажаната чест, свети оче Николае! Како што отпорано ти пишав, моите прилепчани многу те почитуваат. Затоа сакав да бидеш гостин во Прилеп. Голем број домови те имаат за своја домашна слава, те чествуваат како закрилник на нивните семејства и домови, свети владико Николае. Впрочем, од сите домашни слави, твојата е најбројна меѓу моите прилепчани. Но, ќе зборуваме за тоа утре. Сега повели, седни на трпезава да каснеме од посниов зелник и да се починиш од патот. Ќе си поприкажеме малку, па да се одмориме зашто утре имаме обврски. Ќе му отслужиме на Бога, а потоа ќе одиме в центар, кај параклисот, ќе се видиме со многу луѓе. Потоа ќе треба да одиме на празничен ручек…  Долг ќе биде денот.

-Ти благодарам на топлото добредојде. Почестен сум од ова што го слушам за твоите прилепчани. Се радувам што сето ова за што ми кажуваш ќе можам и со свои очи да го видам на утрешниот празник, кога го чествувате мојот спомен!

*              *              *

– Убава служба Му отслуживме на Бога, почитуван оче! Морам да го пофалам и хорот. Небаре ангелски. Се радувам што повеќето од присутните се причестија со Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос. Силно се чувствува празничниот дух. Но, морам да забележам, чинам малку верници беа присутни на богослужбата, мој оче. Ти ми зборуваше дека огромен број домови ме имаат за свој закрилник, имаат домашна слава св. Никола, а храмот, денес, беше речиси празен. Или можеби грешам? Очекував да нема место каде игла да се фрли во храмот, но непријатно се изненадив од виденото. Прости ми но, или јас или ти грешиш со бројките. Или, пак, посреди е нешто друго?

– Не грешиш, владико свет. Забелешката ти е на место. Вистината е дека ако барем по еден член од семејство чија слава е св. Никола биде присутен на богослужба, храмовите ќе бидат преполни но …

– Оче мој, прости ми, но не можам да разберам како тоа го чествуваат мојот спомен, ме почитуваат како свој закрилник, а црквата е празна за време на празничната богослужба. Па каде се сите тие луѓе? 

-Свети оче Николае, те почитуваат моите прилепчани, но не идат затоа што вчера вечер имале гости и им претставува потешкотија утрово да дојдат на богослужба …

-Тоа не е оправдување. Не може некој да чествува светител, а да не присуствува на богослужба и да не се причести! Какво е тоа празнување? Каков е тоа чествување на светител без учество на светата Литургија? Не бива така оче! Во таков случај, славата ја губи смислата! Нејсе. Ајде сега да одиме в центар и да видам што таму ќе се случува. Но, од досега виденото, не се радувам многу. Според твоите кажувања, во центарот има параклис, посветен на моето име, нели? Кога е тој параклис изграден?

-Пред 18 години. Со оглед на тоа дека во Прилеп најбројна слава е твојата, свети оче Николае, црковните и градските првенци одлучија да бидеш прогласен и за закрилник на градот. Се направи овој параклис и, за жал, тука се случува централната прослава. Секоја година се пријавува домаќин и тој се грижи за организација на целата прослава. Пред параклисот се прережува колач во твоја слава и чест и потоа се дава и ручек, посно гравче, сармички и малку риба. Па секој да касне по малку, од адет и за здравје. Знаеш, свети оче, нашите домаќинки прават ситни, ситни сармички со оривче, кои се превкусни. А гравчето, како што се погаѓа да биде вкусно на овој празник тебе посветен, мислам дека во ниту еден друг ден през годината не се погаѓа. Останало меѓу народот да се вели “светиниколско гравче”. Ќе се увериш и самиот, свети оче Николае, ќе ги пробаш подоцна. Годинава организаторот покани една македонска пејачка која ќе се претстави пред прилепчани со нејзините надалеку познати песни.

-Убаво, мој оче, убаво сето ова што го слушам, сепак нешто ми вели дека има тука некои работи кои, да бидам искрен, не ме аресуваат. Нејсе! А каде е овогодинешниот домаќин и, каде се градските првенци сега?

-На овој ден тие одат на богослужба во храмот посветен на Светото Благовештение или како ние го викаме Стара Црква. Таму чиноначалствува нашиот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар.

-Бог да му даде уште многу години да чиноначалствува! На многаја лета!

-Амин, оче Николае, амин! На многаја лета!

-А градските првенци, редовно ли идат на богослужба? Се придржуваат ли до постите твоите прилепчани и овие градски првенци? Се причестуваат ли на богослужбите? Ја негуваат ли верата православна?

-Ами, како да ти кажам, ќе бидам искрен, и ќе кажам дека градските првенци ретко идат на богослужба, на некои празници, особено кога треба да се фотографираат и пред избори. Поретко и за постење и причестување. И од останатиот народ, малкумина се причестуваат. Виде колкумина имаше на богослужбата.

-Што слушаат моиве уши, мој оче! Тоа не е убаво. И каква врска имаат изборите и фотографирањето со верата во нашиот Бог и со Светата Литургија? Човек не може да се нарече “верник”, ако само неколку пати през годината оди в црква. Какви се во својата служба пред народот? Се грижат ли за него? Зашто, тие се избираат да му служат на народот, нели?

-Ех, оче Николае. Грутка имам во грлово кога треба да зборувам за тоа. Лошо ја извршуваат својата служба. Лошо и неодговорно. Пред избори, му ветуваат сé и сешто на народот, мед и млеко им тече од устите. Кога ќе седнат во фотелјите, забораваат на ветувањата. Медот и млекото го ветувале само за нив. Со колку верба и надеж во подобро утре ги гласаме, а потоа доживуваме само разочарувања. Затоа ни се испусти градот и државата. Младите не гледаат посветла иднина. Губат надеж и заминуваат во туѓина. Се запустија огништата, портите замандалени, дворовите обраснаа со трње, детскиот џагор поретко се слуша. Во ропства и војни сме опстојале, а денес, при слобода и своја држава, почнувам да се сомневам во нашата иднина како народ. Тогаш времињата биле тешки, а денес, денес се лоши, оче Николае!

-Така е кога водачите на народот не внимаваат на својата духовна и морална будност, мој оче. Особено тие треба да бдеат над својата духовна состојба, а не да дозволат моќта, која ја носи функцијата, да ги совлада и да им постане цел, наместо служењето на народот. Моќта ги потхранува гордоста, алчноста, лагата и останатите пороци. Штом не ги негуваат Божјите закони и верата во Бога во своите срца, тогаш ќе бидат лесно победени од гневот, зависта, алчноста… Ќе се служат секогаш со лагата, наместо со вистината. Таквите не треба да бидат водачи на народот. Штом така се однесуваат, даваат лош пример и на младите поколенија. Тешко вам, како народ, ако младите се поучуваат од ваквите водачи. Значи тие луѓе, само со устите го почитуваат Бога и ме чествуваат на овој ден, а со срцата се далеку од Бога. Тие привидно владеат над луѓето, а му робуваат на славољубието. Затоа не знаат и не можат да се изборат со власта. Запамети го тоа, мој оче. Служењето на народот е голема одговорност. И нашата, духовната, и световната служба, се во полза на народот и се тешко бреме. А двете се грижа за јавното добро, а не за своите лични интереси. Од сето ова што го разбрав, сигурен сум дека и правдата е втерана во некој чош и замолчена во овој ваш град и библиската Македонија. Така ли е, оче?

-Право зборуваш, оче Николае. Правдата повеќе години е занемена, а вистината е ничкосана. Речиси сите морални вредности се извитоперени во ова наше општество. Ами чаре, свети оче?

-Чаре? Треба да зборувате погласно, да советувате, да поучувате, особено младите. Да Му даваат повеќе место во своите срца на Бога, на светлината, отколку на темнината. И треба да си помагате. Световната власт треба да соработува со духовната. Световната треба да се грижи за материјалното, а вие, духовната власт, за духовното добро на народот. Заедно треба да ја негувате љубовта кон Бога и татковината и да се борите да го преобразувате светот на подобро. Се разбира, со Божја помош, оти сами не можете. Затоа молете Му се на Севишниот, да ви даде сила да го изодите тој пат. Повеќе поучувајте го народот. Секако, тој треба да покаже интерес, а вие, пак, треба да му го приближите словото и да го советувате да црквува. Човекот не живее само од телесната храна, ами од духовната. Покажете поголема одговорност во службата. Поревносно работете на Божјата нива. Овој библиски народ, Македонскиот, требаше веќе да биде учител на другите народи, но вие, за жал, имате потреба да ве учат, кои се први начала на словото Божјо. Се доведовте во состојба да имате потреба од млеко, наместо тврда храна. Секој што се храни со млеко, не е опитен во словото на правдата, бидејќи е младенец. Затоа поучувајте во секоја прилика. Овој народ мора духовно да се храни, ако сакате и духовно да порасни. Често неправедно ве осудува, навредува, критикува и понижува, но бидете трпеливи. За волја на вистината, понекогаш тие критики се оправдани. Затоа мислете и на своите гревови. Бидете свесни дека сте избрани од нив, од луѓето, и сте поставени за нивно добро, вршејќи ги Божјите работи. Поради тоа, вршете ја пастирската служба достоинствено, со радост и вистинска љубов. Одете заедно со стадото. Водете напред за да го покажете патот. Понекогаш среде стадото, заради поддршка и охрабрување, а понекогаш при крајот, за да им дадете поддршка на оние на кои им оди потешко, но никогаш не треба да се одвојувате од него. Внимавајте, оче мој, секогаш грижите се за тоа како да му се допаднете на Бога, а не на самите себе си или на другите луѓе. Служете единствено на Бога за добро на верниот народ Божји.

-Душеполезни совети даваш, оче Николае. Убаво поприкажавме. Жал ми е што ќе треба да го прекинеме разговоров, зашто еве, уште малку, и ќе стигнеме во центарот.

-Почитуван мој оче. Ти благодарам на поканата да го посетам твојот град и уште повеќе на топлото гостопримство, но јас ќе си одам сега.

-Како, те молам, оче Николае, остани. Само што не сме стигнале.

-Не, мој оче. Подобро да одам. Треба да бидам гостин и на други места. Не знам дали ќе можам да се воздржам, а да не проговорам гласно и да не прекорувам, небаре Јована Крстителот, па да ја расипам прославата. Или, можеби подобро да речам, манифестација. Порачајте им на  прилепчани дека убаво е тоа што се слави пред параклисот во центарот, но најважниот дел од прославата треба да биде во храмовите. Збогум, мој оче, збогум.

-Оче Николае, спомни ме во молитвите. И моите прилепчани. И сите Македонци. И Македонија. Застапи се за нас пред престолот Божји. И пак да ни дојдеш на гости.

-Ќе ве имам во молитвите. Остани ми со здравје мој оче и поздрави ми го вашиот високопреосвештен владика. Жал ми е што нема да се сретнеме. Посакај му добро здравје и долговечност и, како и до сега, правилно да раководи со словото на Христовата вистина. До следно видување, мој оче!

-Свети оче Николае, барем да каснеше од сармичките и гравчето светиниколско…

Протоереј Љупче Петрески

Loading