Аман, урнете ја руината и куртулете нé од зарази

Обраќање до локалната самоуправа

Јас, Михајло Наумоски, пред две-три години се откажав од намерата вон институционално да го отстранам руинираниот објект на ул. “Цар Самоил”, до просториите на дневниот центар за престој на деца со церебрална парализа, во сопственост на општината Прилеп.

Како човек со општествена одговорност не успеав да издржам и да замижам пред она што навистина е и колкава е штетноста од постоењето на тој објект. Под секојдневно вознемирувачко влијание се децата од дневниот престој, од околните куќи и останатите жители.

Грда и опасна е руината. Таа е извор на потенцијални зарази и болести.  Претворена е во депонија за органско и неорганско ѓубре. Веќе е и јавен тоалет за мала и голема нужда. Се решава зортот од испиеното пиво или нападот за празнење. Ако не секој ден, тогаш преку еден, се фрлаат пцовисани животни, кучиња, мачиња. На отворено се распаѓаат со денови. Реа и гнасна миризба до лудило. Ние, “среќниците”, околу само дрдориме, негодуваме, реагираме и секогаш заклучуваме дека што и да направиме, ништо не можеме. Зар е можно никој да не слуша? Зар е вистина дека со власт нема победа? Ако, им велам, да пробаме уште еднаш, па уште еднаш и така додека не се смилуваат. Ако, ние, повозрасните не успеваме, генерацијата по нас ќе има поголеми шанси да успее. Зар не е ова малку морбидно, но за жал вистинито.

Перцепцијата за јавната општинска администрација кај граѓаните е дека ништо не работи. Можеби е вистина. Еве пример за тоа од кој може да се изведи таков заклучок. Ако е само тој, се извинувам. Ама не е. Затоа господа, сменете нешто во вашите навики. Турнете ја таа грдосија или дајте да ја урнеме ние, загрозените, само немојте како претходниот пат само да ја обележите со црвена лента, предупредувачка од самоуривање. Тоа не го решава проблемот, ниту ве ослободува од одговорност од некаква можна нејзина хаварија.

Се надевам дека ова отворено писмо ќе поттикне некоја активност кон решавање на проблемот со наведената руина на ул “Цар Самоил” и поголема ангажираност од врвот на општинската администрација.

Се надевам на поголема активност кај многу сограѓани. Верувам дека само така можеме да решиме многу натрупани проблеми, со што нашиот град можеме да го направиме многу попријатно место за живеење. Мислам на урбанистички, административни, здравствени, еколошки…

Се надевам дека ќе нема потреба од следни чекориза за наведениот објект. Јавно ќе се заблагодариме на надлежните за позитивната реакција.

Миле Наумоски

Loading