ЉУБОВ ОД ДЕТСТВОТО

Манастирот Успение на Пресвета Богородица –Трескавец,

Предизвикот да се биде подобар човек со другите и со самиот себе, подобар родител, син, брат, брачен другар, пријател, колега, подобар Христијанин е вечен.

За Јохан, Драшко, Мице, Тони, Ице, Блаже, Васко, Горан, Диме, Менде, Орде, Рубин, Кире… секоја недела, “центар на светот”, омилена дестинација за духовно закрепнување им е пешачењето по планинската патека од Слонот преку Плоча и дружењето со Манастирот Трескавец. Средбите со светилиштето се благословена можност за полна духовна конекција која ги полни базичните животни извори и прави подобри луѓе до наредната посета.

Последната недела во манастирот, по редовната литургија, групата заљубеници во духовниот храм неколку часа го уредуваа манастирскиот двор. Архимандритот Никодим, во духот на православието, ги почестил со ручек, а уметникот Кирил Гегоски им подари слики од Света Гора на неколкумина од групата, верни пријатели на манастирот, а на домакините- архимандритот Никодим и монахот Калист им врачи слика од манастирот Трескавец.

Верните среќаваат на патека бројни намерници од други градови од Македонија, кои ги полнат “батериите”, иако живеат во Македонија или заминале по подобар живот во Европа, Америка или Австралија. За нив тоа не е обичен напорен поход до манастирските порти, туку македонштина со вековната традиција. Доаѓаат и многу странци од сите делови на светот. Тие се добредојдени на чај од монахот Калист.

За групата Верни, која е во заедништво 25 години најмалку секоја недела, манастирот станал нераскинлив дел од нив по првите средби од пред 30, 40 или 50 години, а за Гегоски повеке од 70 години. Не ги спречува ниту магла, дожд, снег, студ, продолжувајќи ја духовната врска. Секогаш доаѓаат со добри мисли што имаат привилегија да се “напијат” од манастирската убост, збогатена од силната духовност, исткаена од љубовта кон Бога. Енергијата се споделува со посетители од цел свет. Пред да изгори манастирот, со посетителите од други земји често се споделуваше храната со пријателско дружење, збогатено со манастирската света моќ. Гостите никогаш не ги забораваат вековната манастирска духовност и Македонците како добри луѓе. Кога гореше манастирот, меѓу загрижените сограѓани, подготвени да помогнат, беа и сите Верни. За жал, не можеше да се спаси, но пожртвувано се расчистуваше и се уредуваше. Се садеа дрвца, лозници, се чистеше патот, се ставаше неколкупати сајла на месноста Плоча, оти била украдена. Се изградија чешми во планината. Верните работеа со помош на монахот Калист. Сега се копа дворот да се заштити црквата од влагата. Во тек е поправање на изворот кај Студено Вариво, познат по 12-те камени корита.

Со љубовта за природата, за манастирот и за духовноста, Верните станаа мост меѓу материјалнито секојдневие и световно живеење во Прилеп и духовноста на манастирот. Верните посетиле многу манастири во Македонија и околните земји и скоро сите во Света Гора. Но, се втурнуваат во духовната, топала манастирска прегратката како неопходна духовна храна без која не можат да ја замислат неделата во манастирот, посветен на на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Ќе се дружат со него додека им одат нозете, како на чичко Кочо, кој повеќе од 60 години засадува дрвца, го расчистува патот, ги одржува извороте и чесмите во планината, иако има повеке од 80 години. Трескавец им дава сила за чесност, добронамерност и искреност, покрај токсичните влијанија, мрачните сили, материјалната заслепеност, себичност, завист и љубомора.

Да ни е за многу години манастирот Трескавец, да ни се живи и здрави архимандритот Никодим и монахот Калист и уште многу години да се дружиме со манастирот кој нé приближува до Бога.

Др. Јохан Ѓорѓиоски – еден од групата Верни пријатели и почитувачи на манастирот Успение на Пресвета Богородица -Трескавец.

Loading