ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 5

Започнав разговор со непознатата. Набрзо станав сигурен во две нешта. Нејзиниот изговор беше англофонски и, второ, жената, која треба да беше на возраст од триесетина години, изгледаше изгубена во овие места, ама не знаев дали се изгубила од некоја група екскурзијанти или, пак, нешто во главата не и е во ред. Набрзо заменката вие ја напуштивме и почнавме да се ословуваме со ти.

– Како се викаш?, ја прашав.

– Линда.

– Линда? Од каде ти е тоа име?

– Одовде. Потекнува од Ангелина или, можеби од старогерманско име за штит, ама било и е употребувано и во оваа земја.

Си велев во себе дека можеби се излагав кога помислив дека младата жена е малку мрдната од умот. Изгледа и се случила некоја несреќа, та Господ знае како се нашла овде, средноќ. Ја испитувам. Зошто во зборувањето врти на англиски.

– Растев и одев на училиште во Австралија. Родителите се иселија. Уште се таму. Претпоставувам дека уште се живи.

Од збор на збор, Линда ја раскажа својата фантастична преживеалица, жедно пиејќи вода од мојата матарка. Касна леб, сирење, домати и некои други студени храни што носев со мене во раницата.

Кога емигрирале во Австралија, родителите, иако луѓе без училиште, направиле сé што е можно, децата, меѓу кои најмладото, Линда, да завршат високи школи. Во универзитетската библиотека, Линда се запознала со некој постар човек. Почнала да се среќава се почесто. Се развила голема љубов и, на крајот, Линда го претставила на родителите. На татко и не му било мило што ќерка ќе се мажи за странец. Сакал зетот да му биде Македонец, ама учен Македонец, Линда не успевала да запознае. На собирите среќавала млади луѓе неначитани, полуписмени, а за неа животот не се состоел само во раѓање деца и готвење во кујната, туку и во извесен културен живот, разговори со сопругот за литература, за уметноста воопшто, со одење на концерти на класична музика…

Татко и и велел:

– Ќе ми биде мило да имаме зет со кого ќе можам да зборувам на македонски, да попееме наши песни, да се напиеме ракија со мезе, да појдеме во наша црква. Ама, таков човек не се најдува лесно меѓу нашите. Иако без радост во срцето, би те дал за жена на човекот кого го сакаш. Но, во тој човек нешто не ми се бендисува. Не знам што точно, ама во него има нешто чудно, па дури и нешто што ме плаши.

И мајката и се смешала.

– Знам што е љубов, добро се сеќавам колку се сакавме со татко ти пред да се земеме. Ама, мајчиното срце не лаже. Нешто ми вели дека човекот кој го сакаш не ќе е добар за тебе. Остави го. Ќе најдеш друг. Има многу млади добри луѓе на факултетот. Мама не ти сака лошо!

Линда не сакала да слушна за раскинување на нејзината сентиментална врска со избраниот на срцето. Родителите не се согласувале да ја дадат за тој човек. Му го соопштила тоа и му рекла дека е спремна да бега со него било каде, и на крајот од светов.

– Навистина ли тоа го сакаш, или само употребуваш формули од љубовните романи?, ја прашал бескрајно љубениот, Ксенон.

– Како можеш да претпоставиш за мене такво нешто!, му одговорила укорно Линда. Срцето ми е чисто. Тебе ти го отворив. Нникој друг не зазел досега место во него.

Ксенон ја помолил за извинување за тоа што така невешто го изразил. Ја информирал дека ако навистина толку многу го сака, ќе треба да отиде со него подалеку од крајот на овој свет, во еден друг свет во вселената, и тоа без надеж некогаш да се врати на родната планета Земја.

Иако изненадена, му одговорила дека во животот човек мора секогаш нешто да избира. Таа го избрала него, но и е жал што повеќе никогаш нема да ги види пак своите.

– Мојата задача овде е свршена. Уште оваа ноќ се враќам во татковината. Ако уште сакаш да дојдеш, ќе треба веднаш да ме придружиш без да се простиш со твоите, ја известил Ксенон и додал дека неговото име и презиме фигурираат на лажните документи што му дозволиле без пречка да борави неколку години на Земјата, ама вистинските се доста тешки за изговорување за некој кој како Линда не го познава неговиот јазик, та таа може и понатаму да продолжи да го вика Ксенон, то ест Странец, барем додека не успее да го научи јазикот што се зборува во неговата татковина.

продолжува

Loading