ИНТЕРНАЦИОНАЛНА НАГРАДА ЗА БОЖАНА ТРЕНЧЕСКА

Прилепчанката Божана Тренческа, која е љубител на поезијата и убавиот македонски збор, на Интернационалната поетска манифестцаија “Сплоти се Македонијо” распишана онлајн, за поети од Македонија и од дијаспората, ја освои втората награда за песната За тебе Македонијо. Творбите ќе бидат ставени во електронски зборник.

ЗА ТЕБЕ МАКЕДОНИЈО

Бевме фиданки откинати од ветрот

што со луњи се борат

и само една мала жичка

чинам нашите прадедовци ја ткаеле

не сврза еден до друг.

Низ оган и пукот одевме голи и боси

со твоето име на усните

и само една песна

што низ распуканите усни чувме

прадедовците да ја пеат, ја пеевме и ние.

Во ноќите глуви стражари бевме

во денот блескав орачи бедни

со крвта врела плативме почва

и сончев зрак

Денот молскавично мина во неврат

и однесе тага, однесе секаков бол

а твоето име Македонија

не згасна од нашите усни.

Во пазувите на денот неизмерно горди

облечени во сончеви поли

го градиме нашето денес и утре.

Секоја рака кула на мирот гради,

секое срце со твоето чука

и тој тропот низ песна ветерот го носи.

Во секој дом огниште на нашите сништа

дрвјата горејќи за тебе пеат,

нивниот пламен пламен на нашите срца,

жарот жар на нашите усни

а твоето име Македонија

цел свет го знае.

Божана Тренческа

Loading