КУЌАТА ЌЕ ПОЈДИ, РОМАНИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ

Живот: Ален Стојчески (49), колекционер на 3500 романчиња

Ако некој мисли дека стрип-романчињата се само за деца или краткотрајна, безвредна ,,шунд,, литература, мора да се провери тој став. Доволен предизвик да го направи тоа е Ален Стојчески, 49-годишен сограѓанин. Поминал детство, младост, навлегол во зрелоста, променил и работни места, но ја задржал нескротливата страст кон романчињата. Близу четири децении чита и собира стрип-романи..

-На 4 години тетка ми, ме научи да читам. Првите букви беа латинични, од извиците ,,бам, бам, фиу, фиу,,. Во прво одделение ме прашуваат: Која буква е оваа? – А. Другава? – Б. Ме коригираат: Оваа е ,,в,,, не е ,,б,,. Ти на латиница знаеш, кирилица не. Ме запишаа дури на седум ипол години. Романите ги купував секои петок – сабота. Ако излезат два-три во петокот, до неделата ми беа прочитани. Го читав “Џил”, “Марти Мистерија”, научни работи, фантастика – се навраќа на почетоците од дружбата со романите.

Вујко му ги имал старите романи, со тројцата мускетари, со Робин Худ, Тарзан и други интернационални ликови. Библиотеката ,,Лале,,, ги давала југословенски јунаци; Хајдук Вељко, Мирко и Славко… Имало и интересни историски стрип-романчиња, како ,,Животот на свети Климент Охридски,,, за светите Кирил и Методија… Во ,,Политикин забавник,, за Колумбо. Целиот материјал бил прилагоден кај децата да внесат љубопитство и да ги запамтат датумите, настаните и личностите.

-Сé прочитав. На училиште, по историја, за Колумбо и за Америка, одговарав од “Политикин забавник”. Кажав кое му било вистинското име, дека му обелела косата на 32 години… Немав учебник, а сé знаев по историја – не попуштал Ален.

Го читал ,,Таинствениот Алан,,, Алан Форд,, ,,Алан Скот,, и други кои многу не му се допаѓале и не ги собирал во колекциии. Или ,,Магичен ветар,, го привлекол, но од 120 денари го кренале на 400 и поради цената го откажал. Плаќал и повеќе, но за оние што со години ги читал. Најскапиот го платил 2000 денари за ,,Текс Вилер” со 500 страници. Го купил од Велес. Велешанецот ги набавува од Хрватска. Некогаш Ален од Велес се враќа дома со полна торба романи.

-Старите романи достигнуваат висока цена. Пример ,,Загор,, од првите броеви се до 100 евра за едно романче. Ретки се и се скапи. Се намалува тиражот. Хрватите печатат по 500 примероци. Само во Загреб би требало сите да ги продадат. Добро е што останува и за Македонија. Малку се, ама има за мене – вели Стојчески.

Цел отсекогаш му е сите романи што ги нема, да ги најде и да ја комплетира колекцијата. Чита и собира – ,,Загор,,, ,,Блек Стена,,, ,,Текс Вилер,,, ,,Мистер Но,, ,,Командант Марк,,… Вкупно има 3500 романи. Доволно, како што вели, за ,,сребрен медал,,. ,,Златен медал,, има тој велешанецот, но со тоа што тој ги препродава, прави бизнис, а Ален не. Ги чува како в библиотека. Еднаш му провалиле дома крадци и кај што барале нешто, наоѓале само романи. Се разочарале и ништо не украле од романите. Не се свесни, го оставиле највредното за Ален – романите.

-Тоа ми е богатството. Велешанецот ми нудеше дури 25000 евра за сета колекција. Му реков: Милион евра да ми дадеш, не ги давам. Ако снемам пари некогаш и мора нешто да продадам, куќата ќе појди, романите ќе останат – непопустлив е Ален.

Како авторите што тешко можат да кажат кој роман или јунак им е омилен, така и страстен читател како Ален, не знае кој му е омилениот стрип-јунак. Во детството интересни му биле детските ликови, а подоцна го засакал Текс Вилер.. Потоа и Загор го засакува затоа што е заштитник на сите индијански племиња. Ликовите се измислени, а единствен чие име постоело навистина е Мистер Но. Вистинското име му е Џери Дрејк. Кога бил пилот и заробеник на Јапонците, на секое прашање одговарал само со ,,Но (Не),,. Така ги издржал малтретирањата..

-Ми се допаѓа е тоа што доброто на крајот мора да победи. Од 1948 година досега никој нашиве херои не може да ги победи. Не умираат, ниту стареат. Мора да преживеат. Роди останува сираче, во другиот роман и Мики останува сираче итн. Имав некоја симпатија кон таквите ликови, оти и јас од мал сум бил сираче – ја открива својот интимен мотив, Стојчески.

Романчиња ќе чита и ќе собира додека е жив, додека добива нови пакетисо по 20 примероци. Додека ги чека новите, ги препрочитува старите. Дел од материјалите ги знае напамет. Оти веќе по четвртпат ги препрочитува сите 3500 стрип-романчиња.

Loading