ИЗЛОЖБА НА МАРЈАН СТОЈАНОСКИ ВО ТИРАНА

“Поглед кон недоглед” е самостојната изложба на слики од академскиот уметник Марјан Стојаноски, што ќе биде отворена на 11 септември во Тирана.

Стојаноски ќе се претстави со 16 слики, за кои Викторија Димеска, историчар на уметноста, вели дека се создадени со виорен и енергичен јазик  и се асоцијативно-апстрактни композиции.

-Академскиот уметник Стојаноски понесува со моќна експресивност. Комбинирајќи цртачки и сликарски техники, тој создава слоевита, комплексна  и динамична содржина, богата со контрастна изведба на линиите и боените површини. Слободна имагинативна изразност вирее од раскошниот семиотички јазик, применет за креирање на асоцијативните апстракции. Од севкупната хипнотизирачка комплексност на метафоричните синтагми провејува чувство на леснотија и безгрижност, вовлекувајќи го погледот во бескрајна длабочина на фантазијата – вели Димеска.

Стојаноски лани имаше одлично претставување во Софија, со скулптури од различен формат. Голем интерес во бугарската јавност предизвика изложбата “Панта реи” со ротирачки скулптури, изработени во метал и елементи од дрво.

Уметникот Марјан Стојаноски завршил ФЛУ во Скопје. Член е на ДЛУМ. Двапати е претседател на ДЛУП. Во 2015 година е добитник на наградата за скулптура “Јордан Грабул”. Творештвото го претставил на бројни изложби, самостојно и групно.

Loading