ЕВИДЕНЦИЈА НА ПРИВАТНИ ЗБИРКИ

Завод за заштита на спомениците на културата и музеј ќе ги евидентира приватните збирки на книги или домашните библиотеки.

-Постојат повеќе приватни библиотеки создавани од некои семејства. Љубовта кон пишаните дела го зголемуваат фондот на приватните библиотеки на семејствата со импозантен број на книги. Традицијата за читање ја продолжуваат и помладите генерации. Некои од домашните библиотеки претставуваат приватни (семејни) колекции собирани од една, две, па и три генерации – вели библиотекарката Биљана Темелкоска од Завод и музеј.

Целта на проектот е евиденцијата да биде содржинска, а не квантитативна. Граѓаните располагаат дома со вредни изданија и големи библиотеки.

-Преку јавен повик ги поттикуваме оние кои досега не се познати за јавноста да се пријават за евиденција на нивните приватни збирки. Да се создаде база на податоци во кои ќе бидат поместени авторите и насловните изданија на книги на поединечните приватни збирки – вели Темелкоска.

Денес младата, па и дел од постарата популација бара податоци на интернет пребарувачите. Библиотеките се запоставени. Англискиот автор и новинар Нил Геиман вели дека Гоогле може да врати 100.000 одговори, а библиотекарот може да го врати вистинскиот.

Речиси сите рани библиотеки биле приватни или полуприватни. Припаѓале на кралеви, храмови и други поединци и институции. Биле со ограничен пристап. Ги имале свештениците благородници, аристократијата или научниците. Биле своевидни архиви. Со развојот на граѓанската класа и на културно-просветниот живот во Македонија во средината на 19 век, повидните граѓани и културно-просветни дејци формирале свои приватни библиотеки. Луѓе од најразлични професии имаат интерес за книгите. Тие им се големиот извор за инспирација.

Loading