КОПАНИ А НЕ БАТАЦИ

Во Бугарија било извршено убиство. Бил убиен македонски државјанин. Презентерката го објаснува случајот пошироко и подетално. Вели дека убиецот го покрил мртвото тело со дрвени даски. Ете ти сега, со дрвени даски. Зборот “даска” го нема во нашиот јазик. Кај нас тоа се штици. Често ја слушаме оваа грешка. А еве сега и друга. Новинарката објаснува дека тоа биле дрвени даски (штици). Досега не сме чуле дека постојат поинакви штици освен дрвени. Новинарката се погрижи да ни објасни, да не помислиме дека можеби постојат и  метални или пластични штици.

Извесна госпоѓа, кандидат за ректор на Универзитетот “Кирил и Методиј” зборува на една тематика. Вели дека тешко и бавно оди напредувањето, но имало определено помакнување. Зошто овој збор, одвреме-навреме влегува во нашиот јазик? Сме ја слушале и именката “помак”. Не ни треба тој збор. Во српскиот јазик тој значи помрднување, задвижување. Зошто мнозина фрлија мерак на таа именка, во случајов и на глаголската именка – ПОМАКНУВАЊЕ? Да биде иронијата поголема, ова не е од обичните луѓе. Излегува од високи интелектуалци. А тие, ако речат ПОМРДНУВАЊЕ, им звучи некако припросто, ама помакнување, е тоа е веќе нешто друго.

 “Кулинарство” е мошне често на ТВ. Дефилираат разно-разни мајстори со разни специјалитети. Една е госпоѓа Андријана Алачки. Ја гледаме многупати со своите рецепти. Таа не само што готви манџи, туку го “збогатува” и јазикот со определени специјалитети. Така слушнавме за некаква манџа која готвачката многу ја испофали. Главните состојки во рецептот биле неколку батаци и карабатаци. Каде ли ги најде? Од кој батак ги изваде? Во нашиот јазик зборот “батак” значи – тиња, кал. Ако знаеме дека “кара” на турски значи црно, би излегло дека КАРАБАТАК би требало да значи црна тиња. Угледната готвачка, не знаеме од каде ги нашла овие зборови. Зар не знае, зар не чула досега за КОПАН и НАТКОПАН? Јадење, госпоѓата, го зачинува и со одамна познатиот зачин, црн пипер. Ама, не! Нашите баби си го викаа така, како што треба, но госпоѓата вели БИБЕР. Овие погрешни зборови се изговараат рутински, со леснотија, како да се повеќе од наши. А не се! Госпоѓо! Можеби е вкусна манџата, но од ваквите зборови, на човека му се бурбати во душата. Предизвикуваат тие нешто повеќе од гнев.

На ТВ екранот долу читаме реклама со големи букви : “Одела по мерка”. Два збора, две грешки. Кај нас не се ОДЕЛА, туку се КОСТУМИ. А не по мерка туку по мера. Мерката е санкција, мерка притвор, мерка исклучување од работа, мерка општествено – корисна работа. Мерката е административен поим, најмногу се користи во судството. А костумите (не оделата) се шијат по МЕРА, а не по МЕРКА. 

Слично како готвачката, извесна новинарка соопштува дека охридските хотели имале недостаток од работници. Немало и КУВАРИ. Тие готват, нели? Белки некогаш ќе се сети новинарката дека штом готват тие се ГОТВАЧИ.

Јазични “специјалитети” слушаме редовно и од сите страни. Просто сме бомбардирани.

За крај! Го слушаме Премиерот, зборува подолго, објаснува дека ќе присуствувал на некаков собир. Вели: “И јас ќе земам учество на таа ОКРУГЛА маса”. Господин Премиер! ТРКАЛЕЗНА е, не ОКРУГЛА.             

Loading