ЗАКОН А НЕ ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ

Премиерот ја искритикувал малку поостро бугарската политика спрема Македонија. Угледен коментатор од една наша телевизија ни соопшти дека нашата амбасадорка во Софија веднаш била повикана на “рибање” во бугарската Влада. Зборот “рибање” ни го привлече вниманието. Не е наш. Српски е. Што значи тој? Во превод, тоа е чистење со стружење, со гребење. Во српскиот јазик тој се користи и во една поинаква, преносна смисла. Кога е некој повикан за да биде искаран, грубо критикуван, па дури и навредуван, се вели дека е повикан на рибање. Коментаторот го имал предвид сево ова. Знаејќи ја нашата потчинетост ( македонска ) во ваквите ситуации, нашата инфериорност, вели дека амбасадорката била повикана на РИБАЊЕ. Не можел да најде наш збор. Поправо, не се потрудил. Во ваквите случаи, односните влади (бугарската во случајов ) изразуваат протест, упатуваат протестни ноти и слично. Тоа се вообичаените нешта. Сакајќи да се изрази малку посликовито, коментаторот го одбрал српскиот збор. А можел да рече дека амбасадорката била повикана “на кавга”, да ја искараат за таквата изјава на Премиерот. Сме слушале дека во некои вакви или слични ситуации се вели дека тој и тој е викнат на “пеглање”. Коментаторот ја насетил убаво, ја препознал ситуацијата, но ете, не нашол наш збор.

Слушавме од сите страни, од сите наши телевизиски куќи, за една, навистина невообичаена работа. Во просториите на Судскиот совет  влегувале, упаѓале непознати и непожелни луѓе. Навистина чудно, како е тоа можно. Но кај нас се е можно и затоа ќе го оставиме тоа. Друго нешто не интересира. Тие непознати луѓе “претурале” по фиоките од определени судии. Така бевме информирани од нашиве телевизии. Додека го слушавме тоа, во долниот дел на екранот го читаме истото – ПРЕТУРАЊЕ во бироата. Зборот ПРЕТУРАЊЕ според една наша телевизија не е погрешен. Поправо сите мислат дека не е погрешен и затоа го употребуваат со погрешно значење. Ние имаме глагол “тура” а имаме и “претура” па според тоа и глаголска именка ПРЕТУРАЊЕ. Сиве овие зборови не го означуваат она дејство што го правеле непознатите лица во бироата и во фиоките. Ништо тие ниту турале ниту претурале. Се тура или се претура течност (можеби и некои други материи). На пример: Овчарот ги молзи овците во ведро а потоа го претура млекото во каца. Ракијата кога се вари истекува во некое големо тенџере а потоа се претура во шишиња. Примери безброј, што би рекле луѓето тури –претури.

Оние луѓе што упаднале во просториите на Судскиот совет ништо не турале и ништо не претурале. Тие испревртувале, буричкале, пребарувале, а ништо не претурале. Рековме, ние ја имаме глаголската именка ПРЕТУРАЊЕ но тоа не значи исто како српското. Зошто го земаме, односно некои го земаат тој српски збор? Дури го слушаме и зборот “затурено”  наместо “зафрлено”.

Во Парламентот се донесуваат повеќе закони. Некои биле со европско знаменце, некои не биле. Некои биле вакви – некои такви. Кавги, расправии. Докажувања што е правилно а што е неправилно. Расправии до бескрај. А чудно е, зачудувачки е податокот дека сите, и политичари, и новинари, запнале па законите ги викаат – “законски решенија”. Никој, ама баш никој, не размислува дека е тоа неправилно. Слушаме дека на дневен ред ќе имало повеќе “предлог – законски решенија”. А тоа е толку јасно. Законот си е ЗАКОН а не законско решение. Исто како и ПРЕДЛОГ – ЗАКОН а не предлог законско решение. Парламентот донесува ЗАКОНИ. А од законите можат да произлегуваат ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА.

Благоја Ивчески

Loading