АРХИТЕКТУРАТА И  КУЛТУРАТА  НА ОСТРОВОТ СИЦИЛИЈА

Сицилија, најголемиот остров во Италија, во Средоземното море, со 25.700 м2 и пет милиони жители. Предизвик е да се “истражи”, оти плени со природата, плодните полиња, обработени до секој сантиметар, плантажите со маслинки, портокали, лозја.

Турболентно е минатото. Затоа е обликувана со разни стилови на архитектура, уметност, но и со вкус, боја и мирис, кој ја прави извонреден остров.

Од пред седум години, пак се “гушнавме”, кога не е толку времето за на плажа, без поголема жештина. Затоа може да се “крстари” по улиците и дел од времето да се леже под сенка на брегот од средоземјето. Раскошен е овој остров. Природата дарила зеленило и цвеќиња. Во далечината мами љубопитство  вулканот Етна.

Нужно е планирано да се “освојува”. Мжое да се тргне од Сан Алесио Сикуло. Многумина првин ги бараат плажите Изо Бела, Џардини Наксос, Чефалу… Но, најпрвин треба да се откријат мистериите на главниот град Палермо. Тоа е урбана средина со многу противречности. Влезот е со неколку авении, широки, пространи, со неколку ленти. Внимението го влечат неколкуте палати. Се истакнува Палацо Реале, убава норманска зграда. Плени со својата надворешност, но и внатрешност. Во центарот е Галеријата, театарот Масимо, еден од најубавите во Европа. Внатре се чувствува сцената, а надвор се седи и се густрира кафе или се пробаат специјалитетите на рестораните на терасата. Околниот метеж никому не му пречи и не го вознемирува, туку отвора апетит за паста, рижото или… Денот се топи како минути, брзо и неосетно.

После е пожелен одмор со уживање на плажите пред новиот поход. Сиракуза, светски познат, како наследник на истоимениот грчки град, местото каде живеел Архимед, кому му е изграден споменик, заштитен од УНЕСКО. Југот возбудува со убавата фонтана, катедралата, општинската зграда. Тесните улички се таинствени. Мерак е за чаша вино. Можеби и сладолед. Во далечината на небото наѕира купата на вулканот Етна. Тој е најголемиот активен вулкан во Европа со повремени ерупции секоја година. За среќа овојпат утробата на земјата беше мира. Етна во “сон”. Со кола или со автобус се стигнува 2000 м. н.м.в. Љубопитните со жичаница се качуваат повисоко за поубавпоглед на  кањоните создадени од ерозијата низ годините.

Катанија е втор град по значење на Сицилија. На јужниот брег, градот преживеал многу катастрофи, од напади на пирати, бомбардирања во Втората светска војна, епидемии, глад и ерупциите на Етна. Целосно била разорена во 1669 година, па потоа обновена. Препознатлив е по двата римски амфитеатри. Видлива е третина од многуте тунели и подземни премини. Многу од зградите, објектите, куќите се изградени од црниот вулкански камен. Катанија  ја викаат “Милано на југ”, заради убавите улици, многубројните продавници, барови, клубови, ресторани. Прошетката се надополнува со впечатоци од уредената градина во центарот.

На крајот на Сицилија е селцето Савока, каде се снимаа филмовите Кум и најшармантниот град на Сицилија, Таормина. Дење блеска во јасна сончевина, а ноќе шармира. Се наоѓа на 300 метри над Јонското Море. Го красат мали живописни, средновековни улици, скриени премини од едната до другата страна, одлични ресторани, кафетерии и продавници за сладолед. Сите го пијат посебниот пијалок, аперол. Низ уличките се стасува до грчкиот театар од 3 век п.н. е. Низ покривот на столбовите се доловува најубавиот поглед на морето. Ама не помалку задоволство е прошетката во светскиот парк. Врие од народ, меѓу кој и учесниците на филмскиот фестивал. Посетителите уживаат во сицилијанската гастрономија, шетаат, пијат вода од фонтаната на плоштадот и се облекуваат во скапите за нас бутици.

Нема човек што не би посакал пак да се врати на тесните улички и да се откријат тајните на мистериозните сокачиња.

Текст и фото: Каролина Мицевска

Loading