ЛЕГЕНДИ ЗА МАНАСТИРОТ ТРЕСКАВЕЦ

Прилеп со околијата е најважниот дел од Пелагонија. Тој е многу важна точка во историјата. Во околината е трескавечкиот манастир, една знаменита светост од минатите векови. Потоа се значајните тврдини на Марко Крале, манастирот Св. Архангел Михаил и полното со стари цркви селото Варош.

Манастирот Трескавец е еден од најстарите. Тоа го покажува архитектурата на црквата, која од страните има отвори, што отсуствуваат во храмовите од поновите христијански времиња. Архитектурата негира дека манастирот бил правен за време на Цар Душан. Трескавец датира од првите христијански времиња. Преданието сведочи дека црквата е градена пред сите светогорски манастири.

Пред многу векови во манастирот се подвизувале обично околу 300 монаси. Една царска ќерка по име Каламарија, од родители христијани, тргнала да оди во Св. Гора да пости и да се причести. Светогорските калуѓери не í дозволиле да влезе, откако ја убедиле дека во Света Гора не стапнува никакво женско суштество. Оттаму Каламарија тргнала за Прилеп и застанала во селото Дабница, во подножјето на Трескавец. Испратила барање до игуменот дека дошла специјално да пости и да се причести. Игуменот не í дозволил на жената нехристијанка. Царицата се јадосала и заповедала да се разурни манастирот и монасите да се погубат. Заповедта била исполнета. Од целото здание останала неповредена само црквата и јужниот дел од келиите кои стојат и до денес.

Целиот манастир бил заобиколен со тврдини, од кои се гледаат остатоци и денес. Од мршите и крвта на истепаните луѓе, се создало чудно животно, ламја, која го јадела секого во манастирот. Затоа стоел пуст цели 200 години. При ужасна бура со силни грмежи, гром паднал на црквата. Сведоци биле овчари. Неколку дена потоа почувствувале грозна смрдеа. Кучињата излегувале од манастирот со крвави муцки. Посмелите овчари влегле во црквата и во олтарот го виделе чудното животно мртво, легнато на земјата. Ровјата го удрила и образувала пукнатина врз северните олтарни ѕидови. Пукнатината се гледа до денес. Оттогаш, манастирот го носи името Трескавец. Дотогаш се викал Златоврвски манастир.

Преданието раскажува дека било поставено златно јаболко на највисокиот врв на планината, од каде се добило името Златоврв. Тоа јаболко толку светело, што зраците стигнувале дури во Солунското море, кое се гледало од врвот. Тоа паднало од Златоврв во времето на грмотевиците и го убило чудното животно. Пред децении видно прилепско семејство донесло од Виена едно жолто метално јаболко кое го поставиле на местото на Златоврв каде што, според преданието, стоело пред многу векови. Силен ветер го кренал металното јаболко од врвот и го донесол во манастирскиот двор. Суеверното население тоа го сметало за чудо.

Населението кажува дека чашата од која пиел Марко Крале се чувала во манастирот и била сребрена.

Запис на Атанас Шопов од 1893 г.

Loading