ВЕТАР ВО “ЛЕЃА”

Постојат, се прават грешки од незнаење, но и од немислење. Еве една од немислење слушана често. Спортски коментатор. Долгогодишен. Фудбалската репрезентација ќе требало да игра со репрезентацијата на Малта. Коментаторот информира и вели: “Нашата најдобра фудбалска репрезентација ќе игра со репрезентацијата на Малта”. Значи, “Нашата најдобра репрезентација”. А имаме ли некоја најлоша репрезентација? Зборот “репрезентација” има латинско потекло и означува (во конкретниов случај) најдобри спортисти од одредена спортска гранка кои ја претставуваат односната држава. Значи, зборот “репрезентација” објаснува дека се работи за најдобрите, за најдобриот избор. Не се објаснува дека е “најдобрата”, бидејќи не постои друга подобра или послаба. Друго е ако станува збор, да речеме, за младинска репрезентација, јуниорска, кадетска и слично. Таму е ограничен кругот за избирање, според возраста. Затоа треба да се објасни за возрасната група. А кога ќе се рече “Македонска репрезентација”, нема никаква потреба и никакво дообјаснување. Тоа се знае дека е најдобриот избор што го има државата. Значи, “Нашата фудбалска репрезентација” и ништо друго.

Пред почетокот на секој спортски натпревар, па и на фудбалскиот, слушаме разни изјави од спортистите и од спортските работници. Така беше и пред фудбалскиот натпревар со Малта. Еве ја изјавата на капитенот на нашата репрезентација: “Ако победиме на оваа утакмица, тоа ќе ни биде ветар во леѓа”. Ете така. Зборот “утакмица” го слушаме од многу, да не речеме од сите, наши спортисти. Зар никој досега не се најде да им објасни на тие млади момчиња дека нашиот збор е НАТПРЕВАР, а не УТАКМИЦА. Кога станува збор за репрезентативни или други клупски меѓународни натпревари, многу непријатно е да слушаме вакви изјави. Тоа се слуша и надвор од нашава земја, треба да бидат на чист македонски јазик.

Тој збор, “утакмица”, го слушаме многу често. Еве, сега од нашиот капитен чувме дека ако ја победеле Малта, тоа ќе значело, ветар во леѓа. Ветар во грбот! Зошто да не се рече така, како што е правилно? Односниот фудбалер како капитен на репрезентацијата, моментно игра во Динамо од Загреб. На грбот има многу натпревари за нашата репрезентација. Но, ете, за овие неколку години заборавил дека нашата именка е ГРБ, а не ЛЕЃА. Потсетува на анегдотата за некој прилепчанец. Престојувал извесно време во Бугарија и кога се вратил, кога слегол од возот прашал: “Каде е кштата на башта ми”? Ја заборавил и куќата и јазикот.

Да забележиме уште нешто од спортот. Грешка која се прави од недоволно размислување. Овојпат за кошарката. Речиси редовно, во спортскиот блок, информирани сме за американската кошарка. Објаснува нашиот коментатор, го соопштува резултатот. Зборува за извесен кошаркар на еден одреден натпревар, дека бил најдобар. Меѓу другото кажува дека тој кошаркар уфрлил 30 коша. Ако се подразмисли малку ќе се види дека станува збор за нелогичност. Во односната игра, во кошарката, кошот претставува поен, ако се уфрли топката во мрежичката се вели дека е постигнат кош. Но, играчот може да ја уфрли топката, а не да го уфрли кошот. Значи, играчот што бил најдобар, ја уфрлил топката во кошот 30 пати и постигнал 30 коша. Во кошарката постигнатиот кош се брои за 2 или 3 но тоа е веќе друга тема. Нелогично е во кошот да се уфрлиле 30 коша.

Ајде, да завршиме со спортот. Редовно слушаме кога некој играч ќе постигне гол, коментаторот да вели дека играчот успеал да погоди. Ако одбрани голманот, слушаме дека играчот не погодил, а ние гледаме дека погодил точно во аголот. Голот си е гол, а не погодок. Погодок може да биде во стрелаштвото, во лотаријата и слично. Голот не е погодок. Едноставно, голот си е ГОЛ. Но, нашиве коментатори не можат да го погодат вистинскиот збор.

Loading