„МИСТЕРИЈА БУФО“ ВО ТРКА ЗА НАГРАДИ

Утревечер на МТФ

Театарот “Војдан Чернодрински” утревечер од 19.30 ч. настапува на 57. МТФ “Војдан Чернодрински” со претставата “Мистерија Буфо” според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски.

Приказната ги реактуелизира средновековните комични мистерии, изведувани од патувачките театарски трупи. Претставата фрла мрачно-комичен поглед кон апсурдноста на секојдневните неправди од религиозниот живот, доживеани преку очите на обичните луѓе и случајните минувачи. Животот, чудата и страдањето на Исус се случуваат надвор од сцената, а фокусот е токму обичниот човек. Луѓето секогаш, дури и во најтешките општествени моменти, наспроти сите прогласи и забрани, успевале да го изразат револтот и потребите, да критикуваат, да се бунат против угнетувачите и да се борат за подобрување на својата состојба. Тоа е политичката моќ на средновековните религиозни драми, во субверзивната театарска игра на патувачките изведувачи.

Игра поголемиот дел од ансамблот на театарот. Интересно е што за музиката се задолжени Томе Темелкоски, Димитар Ѓорѓиевски и ВИС “Војдан Чернодрински”.

Loading