НЕА ЈА – НЕЈЗИ И

Разговор! Водителката разговара со истакнат писател. Нé заинтересира тоа и го следевме разговорот со особено внимание. Претпоставувавме, поточно верувавме дека ќе слушаме разговор каде ќе нема јазични грешки. Рековме, дека станува збор за истакнат писател. Тече разговорот. Одговара писателот на поставените прашања. Има и пошироки коментари. Писателот е разочаран што не добил или добил помалку средства за печатење на книга. Ја критикува министерката за култура. Средствата биле некоректно распределувани. Очекувал дека ќе добие повеќе. Водителката прашува, зошто е тоа така. Објаснува писателот, дека некогаш се искажал не многу пофално за министерката и сега ова било освета. Токму тој збор “освета” ни го сврте вниманието. Најмалку верувавме дека ќе го чуеме од писател. Зошто ОСВЕТА? Македонскиот збор е ОДМАЗДА. Оваа грешка ја слушаме често и сме пишувале. Да, но тоа не треба да му се случува на човек кој се занимава со таква дејност.

Продолжува писателот. Ја критикува министерката. Вели – “Треба да знае дека таа постои за нас, а не ние за нејзе”. И оваа грешка ја слушаме често, ама на писател баш никако не смее да му биде дозволено. А, еве, тој вели така. Тој не смее да вели ние не постоиме – ЗА НЕЈЗЕ. Треба да биде – ЗА НЕА.

Многу одамна, некаде во шесто или седмо одделение го учевме тоа: НЕА ЈА и НЕЈЗЕ И. НЕА ЈА сретнав, а НЕЈЗЕ И реков. Господинот писател го заборавил тоа. Треба да ѕирне малку во граматиката. Во еден момент тој користи ваква реченица – “Се отвараат нови светови”. Јасно е дека треба ОТВОРААТ, а не ОТВАРААТ. Зар треба да се објаснува дека нашата именка гласи “отвор”, а не “отвар”. Затоа и глаголот гласи “отвораат”, а не “отвараат”. Оваа грешка ја среќаваме на многу места, но, зар треба да ја среќаваме и кај писател, особено каков што е односниот господин.

Оној несреќен израз “така да” го слушаме редовно, а тој не значи ништо. Тоа е само непотребен превод на српското – “тако да”. Ако воопшто треба некогаш да се употреби, тогаш кај нас треба да биде “така што”, а не “така да”. Писателот го користи “така да” повеќе од многу. Не може да не му се забележи за такво нешто.

Во скопскиот говор, во многу случаи се изостава членот. Не е страшно што во тој локален говор е така. Страшно е, што таа недоследност се пренесува насекаде во нашава држава. Медиумите се главно во Скопје. Тоа го слушаме или го читаме редовно и како заразна болест, се пренесува насекаде. Редовно слушаме – мој термин, мој Тинекс… Постои емисија на некоја од нашиве  ТВ – мој збор, па постои и – мое село, и многу такви.

Се појавија проблеми во ФЗО. Системот не функционирал, но проработел. Така прочитавме на екранот – “Во функција системот МОЕ ОСИГУРУВАЊЕ”. Присвојната заменка “мој” (мое, моја) насекаде треба да биде членувана – мојот термин, моето осигурување и…. За жал, за ова никој не обрнува внимание. Скопскиот говор е еден од понечистите говори во Македонија. За жал, сите овие недоследности со членот доаѓаат одтаму и на таков начин се нарушуваат некои форми од македонскиот литературен јазик.

Loading