ВИЗА ЗА СТАРТ НА ПРОЦЕДУРАТА ЗА ОБВРЗНИЦА ОД ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА

Општинскиот совет

Парите за изградба на кружен тек, улица и влез во градот, треба да се вратат за седум години

Општинскиот совет отвори процес за емитување на локална обврзница од 5 милиона евра. Мнозинството советници се согласија  со позајмени пари да се следат финансиски три клучни проекти најавени во предизборната програма.

Ова е единствениот извор на финансирање да се изведат проектите, кружен тек на мостот на Градската река кај Табаана, за пробивање на улицата “Победа”, како важна поврзувачка артерија на два дела од градот и за уредувањето на влезот во Прилеп од кај Македонски Брод – вели претседателот на советот Дејан Проданоски.

Советот даде зелено светло, општинската администрација да ја подготви документацијата во согласност со законот за издавање на вакви обврзници.

– Станува збор за околу 17 точки кои треба да бидат исполнети. По извесен период очекуваме Владата да донесе одлука за издавање обврзници или хартии од вредност кои би биле пуштени на пазарот за хартии од вредност. Процесот би одел најмалку 5-6 месеци. По одобрувањето, имаме грејс период од седум години кога ќе се плаќа само каматата. Потоа ќе се плати главниот долг од 5 милиона евра – вели Проданоски.

Советниците од опозициската СДСМ се спротивставија со долга расправа, нагласувајќи дека е крајно неодговорно и лудо што граѓаните долгорочно се задолжуваат.

– Од најава на градоначалникот Борче Јовчески за издавање на обврзница, СДСМ и коалицијата јасно и принципиелно е против издавањето на обврзница од 5 милиони евра, која заедно со каматите ќе ја достигне 7,5 милиони евра. Тоа е крајна неодговорно. За изградба на инфраструктурни објекти како кружни текови и улици, општината треба да изработи проекти со кои ќе аплицира кај домашни и странски институции и фондови. Факт е дека Јовчески не го направи тоа. Неспособноста сака да ја прикрие со огромно финансиско задолжување на грбот на прилепчани – нагласи Моника Грашеска Илиеска, координаторка на советничката група од СДСМ.

Претседателот на Советот и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проеданоски, рече дека сегашната опозициска СДСМ, а пред година и половина на власт, ја оставила локалната самоуправа во сериозно незавидна финансиска состојба со долг од 292 милиона денари.

– Со очекуваните финансиски приливи во општинскиот буџет ќе се поправи финансиската состојба. Има можности во наредниот период да се издаваат нови концесии за експлоатација на минерални суровини. Ќе се слеат средства во општинската каса. Доколку дозволи Министерството за финансии издавање општински обврзници, може да се скрати рокот на сервисирање на задолжувањето – вели Проданоски.

СДСМ преку разни форми ќе продолжат да укажуваат на штетноста која градот и граѓаните ќе ја имаат од милионското задолжување, со надеж дека градоначалникот Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ ќе се вразумат и ќе се откажат од нивната намера.

Установите и ЈП ќе поставуваат фото панели со сопствени средства

“Фото панели за електрична енергија на покривите на јавните установи и ЈП во иднина ќе се поставуваат со пари од претпријатијата”.

Ова го истакна претседателот на Совет Дејан Проданоски, одговарајќи на прашањето зошто со општинската обврзница не се предвидени средства за овие инвестиции кои беа споменати на јавната расправа.

-Полека се стабилизира пазарот на електрична енергија. Цените се понормални од 2022 година. Дел по дел јавните установи и ЈКП ќе можат да инсталираат од сопствени извори. Постојат пречките во Законот. Веруваме дека Владата ќе има чувство да даде ослободување во тој правец. Мислам дека дел од т фотонапонски централи ќе се реализираат и со локални буџетски пари.Најголем број од институциите ја користат струјата само за осветлување. Но, енергијата може да се троши за јавното осветлување, со што дополнително би се намалиле давачките за јавното осветлување – кажа Проданоски.

Loading