ОЗЕЛЕНУВАЊЕ СО ДЕСЕТ ИЛЈАДИ САДНИЦИ

Кај депонијата кај селото Алинци

Десет илјади садници, бел и црн бор и костен засадија административците на локалната самоуправа и вработените на компанијата Комфи ангел кај депонијата кај селото Алиници. Иницијативата за озеленување на околината е на Комфи Ангел кој е една од големи општествено одговорни компании.

За акцијата на пошумување, сопственичката на компанијата Ирена Јакимоска вели дека е нужна грижата за животната средина.

-Ја поддржавме идејата на вработените, оти е крајно време да се создаде иднината за нас и за новите генерации. Очекувам ова подрачје да биде уште едно големо крило на “зелените бели дробови” на градот, оти сме должни да ја чуваме и негуваме природата. Ја покажуваме нашата општествена одговорност. Нашата визија да го вратиме зелениот појас на овој гол рид. Засадивме 10 000 садници. Следниот расаден период ќе спроведеме акција за пошумување на целиот рид. Граѓаните да покажат поголема совест за природата – вели Јакимоска.

Градоначалникот Борче Јовчески уверува дека Општината веќе има почнато акции за пошумување.

– Посветени сме и загрижени за состојбата со зелените појаси кои недостасуваат. Им порачуваме на сопствениците на соседните ниви да ги заштитуваат, да внимаваат, зашто ова е трет обид да се пошуми ридот. Пред неколку месеци на иницијатива на советот засадивме околу 4 000 садници –  рече Јовчески.

Прилепската општина е најголема, но со најмалку зелени појаси. Има околу 20 проценти, а треба да бидат барем 50 отсто на околните површини.

Пецо Јовески, раководител на прилепската подружница „Црн Бор” на ЈП Национални шуми смета дека треба и поригорозни казни за дрвокрадците и уништувачите на шумското богатство.          

Loading