СИРОМАВИОТ НИКОЈ НЕ ГО СЛУША

Еден сиромав човек седел до некои чорбаџии и слушал што разгоараат. Муабетот бил оти имало многу глувци.

Поголемиот чорбаџија велел оти глувците му го изгризале железото што го продал на дуќан.

Сите му го потврдиле зборот.

– Вистина, вистина, чорбаџии, има многу глувци, чунки што имав троа брашненце ми го изедоа – рекол сиромавиот.

Неќејќи му го зборот од сиромавиот, чорбаџијата му рекол:

– Ај не туку лажи, чоече, кај јадат глувците брашно, да е жито, може, ама брашно не јадат. Ама не е, браќа, јас како што велам? – им рекол на другите чорбаџии што биле околу него.

Сите му го потврдија зборот на богатиот и го застрамија сиромавиот.

– Туф, бре, гиди, јас брашното реков ми го јадат глувците, чорбаџиите не ми го потврдија, а пак чорбаџијата рече железото го јадат, тоа што не било до денеска, му го потврдија. Што беше оваа пуста сиромаштија, што нема чест – си рекол сам со себе и уште еднаш не беше пошол при чорбаџиите на муабет.

Loading