ЛЕГЕНДАРНИТЕ КАМЕЊА ОД МАРУЛ

– Од окната “излегувале” вајани воденички камења, камен за казарници, камени бутини, корита…

Градба од одбранбен карактер на импозантна височина доминира над пелагониската котлина. Се вика Веслец и датира од времето кога коњаници биеле битки. Бранителите ја имале Пелагонија како на дланка, па не им било тешко да ги одбијат непријателските коњици. Под ова стратегиски важно место се наоѓа селото Марул, во кое, во зенитот на постоењето, вриело од народ со 60 домаќинства.

Марулчанецот Томе Велјановски, роден во 1945-та, а од 1971 живее во Шведска, со компјутерско сеќавање раскажува за подемот и падот на селото.

– До што беше војска поминуваше низ овој крај. Многу загинати Арапи, Турци, Срби, Бугари, Германци, Македонци…, не им се знае ни гробот, ниту бројот – кажува за селото Велјановски.

Од полно народ, во 1970-та селото почнало да се иселува, кој во Прилеп, кој во странство. Останале само немите сведоци – прочуените марулски воденички камења. Да можат да зборуваат би раскажале за зулумите на турските бегови, за Толе Паша, за секојдневниот мачен живот…

Здрава машка рака

Ама, живата енциклопедија, Томе Велјановски, се сеќава на сé. Наместо да пие и да се коцка со другарите, со моливот и со тефтерчето слободното време го минувал, прашувајќи ги постарите за селските случки. Напамет ги знае сите живи и умрени. Издаде книги. При крај е со родословот на селото.

Точно памети, како да било вчера, од кое место се вадел познатиот марулски камен. Марулскиот “Ел Дорадо” го нашле на чекор од селото. Сите селани имале здрава машка рака за вадење и сечење камења, дарени од природата, со квалитети, непознати за другите окна. Наместо на печалба, луѓето со труд ваделе арна пара од камењата за  воденичките камења за сета околина. На каменот, ваден рачно со казми и чивии, народот му ја знаел мерата, дали е за бунар, за воденички камен, за корита, за надгробни камења… Толку бил квалитетен, што секоја фамилија имала посебен “рудник”. Каменот никогаш не останувал не продаден на прилепскиот и битолскиот пазар иако бил за лира ипол поскап од другите. За марулскиот камен разбрала дури и Портата на Отоманскиот султан.

Камен место, јабана

– Овде е Америка – воскликнал Ристе Јанкоски – кој од камењата собрал 250 лири да ја купи најарната нива – кажува Велјановски.

Некои ги оставале коските во јамите. Судбина била окното да му биде гроб на Мојсо Колески, оти го пресекла карпа наполу во 1893 година.      

Со мака и со волови, камењата се носеле до Битола или Прилеп. Од товарот стенкале и квичеле тркалата. Колата “греела”, па носеле и вода за ладење.

На едно семејство му се скршил воденичкиот камен при товарењето. Бидејќи каменот бил пазарен, натовариле камен блок на колата, и со алат по пат го исчукале на кола. Стасале навреме на пазар.

Индустрискиот прогрес го уништил долгогодишниот углед на марулските камења. Од 1930 г., со појавата на фабричките камења, исчезнал интересот за марулските. Останал само митот, кој го овековечил Велјановски во една од неговите песни.

Марулчани биле земјоделци, познати по пченицата, тутунот, лозјата, сливите и медот од пчелите. Одгледувале и крупен добиток. Не била необработена ниту педа земја. Сепак одвај се врзувало крај со крај и им стасувало само за леб и сол.

Марулските камењари

Давај ме мајко, давај

во Марул не ме давај

Марулани се мила мамо,

стари – млади сите камењари.

Дома не си идат, мамо,

својте куќи да ги видат.

Деца, жена да си видат

Со нив дома да си бидат.

Во стените дење камење сечат

од Веслец ноќе, дрва влечат

дрвен ќумур да направат

потребните алати да си ги поправат.

Во Битола на пазар

со камења тие поаѓаат.

Од пазар за дома

со пари си доаѓаат.

Беговски чифлизи да купат

македонска земја да откупат.

Денови верски да си слават

свадби, крштевки да прават.

Loading