ЧИСТА МАРА

Си биле еден маж и една жена. Жената ја викале Чиста Мара. Не оти била многу чиста, ами од што не била чиста. Што и да направела, дали леб да месела, дали манџа ќе зготвела, сé ќе имало нешто гнасно. Или влакно, или сламка, или лепешка, или брбушка. Што да види човек нешто и да се згнаси од мариното готвење. Секое ручање мажот í, вечерање, сé ќе се згнасел од лебот, или од манџата, чунки ќе нашол нешто гнасно. Сé ќе ја карал мажот í и ќе í велел:

– ‘Јзк мори Маро, на името што го носиш Чиста Марија, кога секоја манџа што ќе ја зготвиш, сé ќе има нешто гнасно внатре. Засучи ги тие пусти ракави и поли до лакти и така меси леб и готви манџа.

Од тоа зборување од маж í, Марија се беше засрамила малце и беше го клала во умот поучението негово. Утрото се спремала да меси зелник. За да биде чист, зела та се слекла угул гола, како мајка í што ја родила и фатила да го сучи. Ја усучила долната кора и го ставила зелјето. Ја усучила и горната кора и станала простум да ја стави на зелјето. И, вртејќи се, не знам како се сопна и си падна со газот во зелникот. Во истото време, за таксиратот од Мара, дошол нункото. Ја нашол со газот во зелникот. Рипнала сирота Мара простум и го пречекала нункото. Го помолила и му рекла:

-Ууу, нунко, нунко, како те донесе Господ на овој саат? Те молам остружи ми го зелјево од газот, чунки ти се тебе почисти рацете од моиве, и стави го во зелников. И јас сама би си го остругала, ако не ми се рацеве зафатени со сукалово кајшто ја имам другата кора. Ако го оставам наземи, може нешто да се огнаси нечисто, а јас пак сакам овој зелник да биде најчист. Чунки мажот ми не јаде како-годе, па затоа сум се слекла угул гола да го месам зелникот најчист.

Кога ги чу нункото тие зборови од кумата и кога ја виде со угул гол газ падната во зелјето, беше си скинал срце од смеа и раскажал по светот за чистотијата на Мара.

Оттогаш светот ја прекрстил Мара со тоа име, “Кога не била наша Мара чиста, да и сега да не биде”!

Loading