СИТЕ ЅВЕЗДИ, ОСВЕН МЕСИ!

Марјан Митрески во Катар

Македонија не учествуваше на Светското фудбалско првенство во Катар, но имаше наш фудбалер, прилепчанецот Марјан Митрески. Некогашниот младинец од 11 Октомври и Победа, цел месец помина како менаџер на бар на стадионот во Доха.

– Се споија фудбалот и барот. Бев на вистинското место оти многу го сакам фудбалот. Од друга страна, чекорам по својот пат на бармен-сцената – вели 26-годишниот Митрески.

Во Доха, пред отворањето на мундијалот, се менаџира со персоналот, се полнат фрижидерите, се прават сите подготовки за гостите. Барот на стадионот е најпосетен.

– Изгледав 12 меча, 19 репрезентации од  барот на средината од трибината.  Бев и на други три стадиона. Огромни објекти. Преубаво, супер доживување  низ река од народ, метеж, навивање, уживање – воодушевен е Марјан.

Барот е отворен три часа пред натпреварот и час по него. Додека трае мечот, сите се на трибина, а на полувреме накусо се враќаат во барот. Некои се жедни, други гладни. По завршувањето, пак се полни барот, со навивачи на репрезентацијата што победила. Слават додека поразениот тим го напушта објектот. Гостите се речиси сите навивачи или на едниот или на другиот тим.

– Аргентинците ги имаше најмногу, па Мароканци, Тунижани и, секако, Бразилци. Нон-стоп навивање, без престан. Немаше пауза 30 секунди. Треба тоа да се доживее – потенцира некогашниот фудбалер.

Се најавуваше забрана за алкохол. Ништо од тоа. Какво е тоа првенство без алкохол? Остана се нормално. Се служеа два вида пиво, вотка, џин, рум, текила, коњак, вино, шампањско… Оокрај алкохолот, немало ниту еден инцидент. Никој не се осмелува да го наруши редот. Безбедно е и на теренот, и на трибините.

– Тешко е да се види некоја ѕвезда одблиску. Тие беа во посебни простории за легендите. Чувани се од вознемирувања на публиката и од фоторепортерите. Имаа сопствен персонал и обезбедување. Не се доближува. Беа Дрогба, Тери, Бекам, Ето, бразилскиот Роналдо, Карлос… На теренот ги гледав португалскиот Роналдо, Нејмар, Мбапе, Дембеле, Модриќ… Не успеав да го видам Меси. Не ја гледав Аргентина, оти натпреварот беше во 22 часот, а имав авион за враќање во 2 – жали Митрески.

Жали за дуелот Хрватска – Бразил. Доцнел 5-6 минути. И со акредитација, не можел да влези, оти вратите биле затворени.

– Среќен сум што Хрватите победија. Очекував и Аргентина да ја минат. Успех е третото место. Хрватски навивачи имаше помалку, но бурно ги бодреа своите – заврши Марјан Митрески.

Митрески бил еден од тројцата Македонци во барот кој кажува дека за Македонијаимало комплименти за сензационалниот триумф над Италија.              

Тој по Нова година се враќа во Хрватска.

Loading