БОН – ТОН

Познавањето на својот јазик, убавото зборување (особено од официјални места) се одраз на културата на секој човек. Сме сретнале податок дека во некои земји, за да биде човек пратеник, должен е да го знае убаво својот јазик. Имало дури и проверки, определено тестирање. Во Франција постоел широк список на имиња и името на секое новороденче мора да биде избрано од тој список. Во многу земји се обрнува особено внимание на реториката, на познавањето на јазикот, на начинот на комуникацијата, на убавото однесување.

А кај нас? Како е кај нас? Никако! Некаде се тестирале пратениците дали го знаат убаво јазикот. Тоа било еден од условите да бидат избрани. Замислете, да му текне некому кај нас такво нешто. Познавањето на јазикот да биде услов. Тешко дека ќе можеме да имаме Парламент. И не само Парламент, туку воопшто и политичари од секаков вид. Но, да бидеме начисто. Ова се однесува и за новинари, за просветни работници, бизнисмени , и за разни јавни работници.

Сево ова не го зборуваме напразно. Такво е сега времето. Речиси во секое време телевизорот е пуштен. Дефилираат луѓе од најразлични профили. Раката на срце, програмите на ТВ не се многу богати. Сериски филмови, народни приказни и политички дебатни емисии. Тие, дебатни емисии,се повод. Гостуваат луѓе од еминентни кругови, политичари, академици, амбасадори, културни работници… Чудно и необично им се обраќаат новинарите (водителите). Ако е гостин некој пратеник, новинарите наместо “Господин пратеник” му се обраќаат – “Пратениче”! На министрите – министре, на академиците, академиче, на амбасадорите – амбасадоре… Вокативната форма не е умесна. Не министре, туку ГОСПОДИН МИНИСТЕР и слично.

Како да има некоја чудна прокуда. Водителка и гости. Водителкатата вели – “Вечерва ќе разговарам со моите гости”. Како е тоа – “Моите гости”? Водителката е претставник на институција, на ТВ куќа. Тие луѓе се гости на таа ТВ. гости во емисијата. Нема место за пренагласено себеиздигнување, па дури и препотенција. Има кога велат: “Наши гости”. Тоа е добро. Кога се обраќаме некому, изразуваме почит. Му велиме ВИЕ, а за себе, од скромност, од себеомаловажување велиме – НИЕ. Еве пример. Доктор помагал нешто на сите новороденчиња. Разговара со задоволна мајка. Докторот веќе не работи. И вели на госпоѓата: “Вие знаете, дури можевме ние помагавме”. Браво! Не за помошта, не знаеме каква била. Браво за изразот. Со почит вели ВИЕ, скромност. Зза себе вели НИЕ (не јас). Затоа, пренагласено звучи себеиздигнувањето – “моите гости”(како да и дошле на слава). Може да гостуваат различни личности. Да речеме, Претседателот на Америка. И замислете, нашава новинарка како ќе рече – “Мојот гостин Претседателот на Америка”. Наш гостин, гостин во нашава емисија, гостин во нашава телевизија. Тоа се нормалните изрази. Нема потреба од себеиздигнување – МОИТЕ ГОСТИ!  Во еден случај извесен познаник работеше во банката. Имаше само една. Човекот работеше во најниските служби. Кога кажуваше нешто ќе речеше – “Кај мене в банка”.

Рековме дека во многу земји се вежба убавото зборување, однесување. Така било и во најстари времиња. Најпрочуен говорник во Грција бил Демостен, во Рим бил Цицерон. Тоа се најзначајни претставници. А ние? Надвор сме од сите времиња!

Бон-тон,  нели ?!

Loading