ОТКУПУВАЧИТЕ ЌЕ ГО ПРИБЕРАТ ТУТУНОТ

До нова години

Не се памети до Нова година да се откупат сите количества тутун од годинешната берба. Просечната достигната цена е 285 денари. Такаречи целиот род е прва класа. Според проценките, на откупувачите им остануваат уште неколку илјади тони од годишната реколта, која тежи околу 20 илјади тони. Веќе е преземен над 80 насто од тутунот. Извесно е дека до Нова години ќе се измерат последните картони со тутун, ќе се проценат, ќе се исплатат парите и ќе се затворат портите на откупувачите.

Вакви се впечатоците на тутунарите, кои се чудат како може родот да се продаде за еден месец. Според нив, тоа се должи на голема побарувачка, а малото производство.

– Не само малите количества, туку и родот е со висок квалитет. Затоа откупувачите брзаат да земат што повеќе. Немаме забелешки на проценката. Сé се цени речиси на прва класа – велат тутунарите, триејќи ги рацете.

Повозрасните тутунари жалаат што младите не ги привлекува  обработката на оваа култура, која е исплатлива последниве години, особено годинава.

Тутунските здруженија најавуваат средба со откупувачите за утврдување на цената на тутунот в година. Со нагорна корекција на цените ќе се влијае на стимулирање на млади производители и на производство на поголеми површини.

Кога на овие цени ќе се  додат државните субвенции  по класи, кои во просек се околу 70 денари по килограм, тутунот го добива “сјајот” што го посакуваат тутунарите.        

Земјоделскиот инспекторат информира дека досега се преземени 15 500 тони тутун, а реколтата ја проценува на 21 000 тони. Просечната цена е 285 денари за килограм. Немаат приговори на проценката.

Loading