МИНИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА

Има луѓе кои не се слушаат што зборуваат. Всушност треба да речеме дека има луѓе кои не знаат што зборуваат. А тоа се луѓе кои зборуваат од официјални места – телевизија, радио, говор пред насобрани луѓе и слично. Таму, каде што се мери, се вреднува секој збор, секој исказ.

Да почнеме конкретно.

Прогнозата за времето ја слушаме редовно и со внимание. И тука има доста јазични грешки. Ќе чуеме дека ќе имало силен ветар, особено “долж повардарието”. Зборот “долж” е прилог, а не предлог. Покажува како, а не каде. И секогаш е префиксиран – ВДОЛЖ. Ја измеривме нивата и вдолж и вшир. Но, Србите велат “дуж реке” и ние “долж реките”. А за ветрот ќе кажеме, треба да кажеме – по долината на Вардар, по течението на Вардар, по речните долини, по полињата и така натаму. Често слушаме дека во републикава времето ќе бидело вакво или такво. Се разбира погрешно. Во ДРЖАВАВА, не во РЕПУБЛИКАВА. Зборот Република означува општествено-политичко уредување на една земја. Најголемата глупост од метеоролозите ја слушаме кога зборуваат каква ќе бидела температурата. Еве еден таков исказ: “Максималната температура ќе се искачи до четириесеттиот степен, а минималната ќе се спушти до осумнаесеттиот”. Еве јасен пример дека говорителот не се слуша што зборува или не знае што зборува. Како е можно минималната температура да се СПУШТИ до осумнаесеттиот степен? Од каде се спушта таа? Каде е почетната точка? Па, нели тоа е нулата! Од нулата нагоре се искачува, а од неа надолу се спушта. Толку јасно и едноставно. Максималната температура може да се искачи над нулата, но може и да се спушти под нулата. Истото тоа се однесува и за минималната. И таа може да биде над нулата (искачена) и под нулата (спуштена). Како е можно да бидеме информирани дека минималната температура ќе се спуштела до осумнаесеттиот степен?

Висок политичар ги напаѓа оние од спротивниот табор. Им се обраќа на граѓаните и вели дека тие (од спротивната страна) биле високо платени и дека краделе од граѓаните. Ги краделе парите од граѓаните и на таков начин биле високо платени. Всушност, човекот сакаше така да каже, но еве ја неговата реченица што ја забележавме: “Тие се платени од вашите крадени пари”. И што излегува од ова? Излегува дека граѓаните краделе пари, па сега односните политичари биле платени од тие пари. “Тие се платени од вашите крадени пари”! Еве ја уште еднаш таа реченица. Така е, нели? Граѓаните краделе пари и од тие пари биле платени односните политичари. Апсурд, зар не?!

Малку на друг терен. Во емисијата “Зборуваме македонски” на Радио Скопје, слушнавме толкување за употребата (неупотребата) на глаголската придавка “опуштен”. Чувме дека не треба да се вели “опуштен”, туку олабавен. Во почетокот мислевме, помисливме, дека тоа не е точно, дека е погрешно. Минуваше времето, се зголемуваше и размислувањето. Пребарувавме во Речникот (тритомниот) и не можевме да ја најдеме глаголската придавка “опуштен”. Постојат таму повеќе изведенки од глаголот “пушта”, но “опушта” нема. Има “отпушта”. Значи, точно е. Зборот “опуштен” не треба да се користи. Треба – ОЛАБАВЕН. Можеби можело и ОТПУШТЕН. Ако е некој во некое напнато расположение, би требало малку да се отпушти. Ете, додека не ја слушнавме таа емисија на Радио Скопје, зборот “опуштен” никогаш не ни бил предмет на размислување. Сфативме дека не сме имале право. Тој збор не треба да се користи. Во Речникот на Зозе Мургоски е внесен, но сепак, ние повеќе веруваме во стариот (тритомниот) Речник.  Всушност, и на сопственото јазично чувство.

Loading