ПОПОТ ОТПЕА МАТОРИЦА

Попот многу се заложуваше за чесност. Проповедуваше во црквата секоја недела, ги учеше селаните да се придржуваат кон сите десет божји заповеди, наблегнувајќи најмногу за постот и молитвата, за посетување на црквата, за моралниот живот во семејството, братољубието, за кражбите и присвојувањето туѓа мака, за среброљубието…

Дали тој се придржуваше, тоа не беше важно. Имаше завршен збор на крајот од проповедите: “Слушајте што вели попот, не правете што прави попот”.

Селаните го слугаа, будалите му веруваа, но многумина тераа мајтап со “божовениот” поп. Во подигравките еден од селаните жртвува дури и 15 златници, “наполеони”.

Му пцовиса на селанецот една маторица и реши, по цената на толку пари, да го испроба попецот до каде оди неговата лакомштина за која велеше дека е еден од смртните греови. Го замоли:

-Ми умре маторицата. Те молам да ја пееш и да ја закопаш на гробиштата.

-Како да закопам маторица? Кај се чуло и видело животно да се пее и закопува со поп?      

-Маторицата не е обична. Кога умираше остави аманет да биде закопана како луѓето. Ми остави седум наполеони да му ги дадам на попот што ќе го изврши закопот. Земи ги паричкиве и сврши ја работата да не барам друг – му рече и му ги подаде седумте златници.

Попот ги погледна златниците, ги зеде од раката, ги протркала од брадата да се намножат како влакна и ги тури в џеб.

– Така може, бог да ја прости маторицата. Чинете азар да ја испратиме до вечната куќа. Само да не му отиде в уши на владиката, та да не аргоса и тебе и мене.

Селанецот направи мртовечки сандак, свеќи, пченица и сé друго што беше потребно за закоп. Со неколку селани, со попот пред “скапиот” покојник се изврши необичното погребение.

Арно ама, селанецот му жугна на владиката дека попот закопал маторица со сите црковни обеди. Владиката се налути, та веднаш прати покана до попот. Овега го пријаде јасник и почна да се тапка и жала:

-Сигурно за таа ѓаволска маторица ме вика. Си ја зедов бељата. Ќе ме обричи – си рече и отиде кај селанецот да се посоветува да најди некој марифет да му помогне некако.

-Да сториме инќар, бидува ли? Ќе речеме дека го излагале тие што кажале.

Селанецот тоа го чекаше.

-Никаков инќар, никаква лага. Цело село знае дека ја закопавме маторицата. Таа беше умна маторица, предвидела сé, па и дека ќе разбере владиката. И за него остави осум наполеони. Земи ги и однеси му ги. Нема да те кара.

Попот ги зеде златниците и кога владиката почна да го кара и му се заканува дека ќе му ја обричи брадата, ќе го распопи, ги извади и му ги подаде:

Повели, дедо владика, овие ги оставила маторицата за тебе. Е, така бива, бива, само да не разберат селаните!

Loading