ПРИЛЕПСКИТЕ НОВИНАРИ СО БОЈКОТ НА ЗНМ

Очи широко затворени! Со една реченица вака би се опишал долгогодишниот однос на ЗНМ кон новинарите од внатрешноста или оние кои живеат и работат надвор од Скопје. Оставени да се снаоѓаат сами како знаат и умеат со сите предизвици, без буквално никаква помош од Здружението.

Овој наш револт кон денешната посета на актуелниот претседател на ЗНМ, Младен Чадиковски, ја искажуваме на ваков начин затоа што во текот на неговиот мандат ова е прва или втора посета на Прилеп, а да не беше изборот за претседател немаше ниту дадојде.

Токму затоа одлучивме демонстративно да ја напуштиме денешната закажана средба, а на местата каде требаше да седиме оставивме ливчиња испечатени со нашите имиња.

Во текот на изминативе години се случува вистинско цунами во регионалните и локални медиуми и кај дописната мрежа, а ЗНМ не мрдна ниту со прст.

Се затворија огромен број на локални медиуми, кои се сржта на информирањето надвор од Скопје. Голем број наши колеги останаа без работа и парче леб.Најголем проблем секако се тука финансиите и разните кризи кои ја погодија Македонија, тука се мисли пред се на ковид и енергетската криза, кои придонесоа за комплетно прекинување на рекламирањето од страна на локалниот бизнис сектор на медиумите. А помош не стигна од никаде.

Укинувањето на членот 102 или негово модифицирање само за регионалните и локалните медиуми, засега е единствениот излез за да опстојат овие медиуми. Инаку членот 102 се однесува на забраната за државни пари во медиумите. Ние сме свесни дека рекламирањето на државата во медиумите имаше катастрофални последици и тому затоа и ние како новинари не сакаме по никоја цена да се врати назад тоа време. Но доколку овој член се модифицира или пак нештото добие ново име,пример Фонд за поддршка на локалните медиуми, кој ќе биде задолжителен и преку кој власта нема да може да врши притисок врз локалните медиуми, затоа што тие средства и онака ќе им следуваат, тоа е вистинската формула за спас на новинарството во внатрешноста на Македонија.

Локалните медиуми се единствената платформа каде граѓаните можат да ги искажат своите проблеми. Често нивните маки, па и успеси, многу тешко стигнуваат до националните медиуми, прво затоа што нема дописници, второ затоа што националните медиуми преферираат само теми со „висока“ политика, каде го нема „малиот“ човек.

Кога сме кај дописниците тоа е втората страна на паричката за која исто така ЗНМ не води грижа. Освен јавниот сервис кој сега има солидна дописна мрежа, другите телевизии воопшто ја немаат или ја имаат делимично. Тука се мисли пред се на националните телевизии. Некои од телевизиите плаќаат само новинар, па се поставува прашање кој ќе снима, каде е снимателот, монтажерот, други пак комплетно ги укинаа дописништвата, а се нарекуваат национални како Скопје да е Македонија, а трети пак функционираат со 2-3 дописници кои имаат за задача да ја покриваат цела Македонија, што е тотална глупост.

Платата пак е најголемиот проблем. Иако работа со висок ризик, која не познава работно време, празник, викенд или обичен ден, новинарството во моментов е најнеплатената професија во Македонија. Вработените дописници кои се вработени работат за минималец, а оние кои работат по парче или по сработен прилог или текст во текот на еден месец неможат да извадат ниту 200 евра хонорар, затоа што плаќањата се прениски и крајно понижувачки. ЗНМ нити еднаш го нема поставено ова прашање.

Да не зборуваме пак за колективни договори, бенефициран стаж, платен одмор, К-15 и се што нормално им следува на работниците во 21 век. На новинарите им се кршат основните човекови права.

Градови без медиуми, се мртви градови. Општество без медиуми кога тоаш преминува во диктатура. Стоп за уништување на локалните медиуми, потребна е итна реакција.

                                                                        Новинари од Прилеп, членови на ЗНМ

Loading