МОЕТО ТВОРЕШТВО Е ЧИСТ ОБРАЗ, ЧИСТО ЛИЦЕ НА СЛИКАТА

Кирил Гегоски, уметник, добитник на наградата за животно дело на Прилеп

Уметникот Кирил Гегоски, член на ДЛУМ, за неговото долгогодишно творештво се закити со наградата за животно дело по повод денот на градот, Трети ноември, што му беше врачена синоќа на пригодна свеченост. Гегоски е уметникот кој преку различни техники – акварел, цртеж, графика, масло на платно, го претставуваше Прилеп и пејзажот. Реализирал над 30 самостојни изложби, преку двеста групни во земјата и во странство, а добитник е на бројни признанија.

Што значи големото  признание за вас како творец,  кој целиот свој  живот му го даривте на градот и го претставувавте на изложби во земјата и во странство?

Сум добил повеќе награди, творечки, но третоноемвриската е величествена. Од сите награди е најубавата, оти е од родното место. Ако граѓаните во местото каде си се родил речат дека си добар, никој не може да го надмине. Секаде можеш да добиеш награда, но најсилна е од родното место. Тоа значи дека сограѓаните ме ценат, ја виделе мојата работа, творечка, за убавото, за уметноста. Уметноста е убава и го расположува животот на сите. Уметникот твори за убаво.

Што значи да се твори во Прилеп и да се претставува градот?

Секоја работа е почитувана. За уметноста секој ќе се најде да рече и ова можам да го правам. Но, иако работам повеќе од 60 години, уште не сум рекол, добро е. Матис рекол – “се трудам да направам  добро, а  ти само што виде го направи подобро од моето”. Бидејќи уметноста е ликовна, работата носи лице, образ. Сум оставил преку моето творештво образ, чист, чисто лице на сликата и посакувам секој кој ја гледа да се чувствува чист, убав.

Низ годините во творештвото се менувале прироритетите. Цртежот е основата на сé. Кога ќе се спомне името на Кирил Гегоски се поистоветува со цртежот?

И ден денеска темелот на моето дело е цртежот. Ако нема цртеж, ќе се мачи сликарот, ама нема темел. Приоритет во секој медиум е цртежот, која мора да е присутен, за да тргнеш да сликаш. Борка Лазески има песна за линијата.  Линијата треба да пее, како врапчето. Ако запее, иако е со молив, јаглен, туш, може да биде појака од слика со килограм боја.

Што треба да í се даде на творбата да биде лице на уметноста?

Сликата или цртежот е предмет, како и секој друг. Ако на сликата, на цртежот му дадам живот, тогаш е уметничко дело. Без тоа треперење на нервот на прстите или водухот, ако го нема, тогаш е обичен предмет. Ако внесеш во цртежот живот, треперење, песна, тогаш е уметничко дело кое му враќа на  гледачот, како што му пее славјече.

 Сакавте и сакате да ги овековечувате прилепските предели. Што ве влечеше да создавате дела со прилепските пејзажи?

 Имам појдовна идеја, замисла, апотеоза за пределот. Не сакам да го репродуцирам пределот, туку да го преобразувам. Го трансформирам во фигурација. И кога гледачот подетално ќе гледа, ќе ја осети фигурата, иако наликува на пејзаж. Посебно сакам фигуративно женско тело. Имав изложба во Скопје. И таму доминираа 11 мои убавици, 11 македонски убавици. Таму беа Вета, Илина, Даутица, Момата од Селечка… Од сите планини сум направил слики со трансформирани фигури, кои се насетуваат. Тоа ми е инспирација последните години. Стилизацијата е чиста, јасна, со убави комбинирани бои.

Што им препорачувате на младите уметници?

Никој не се родил учен. Секој треба да научи, но ученото треба да го надградува. Ако се надоградува, има успех. Потребно е уметникот да истражува. Ако нема поттик, нема да биде успешен, новото дело нема да биде подобро од вчерашното. Големиот мој пријател, колега, Борко Лазески, ги почитуваше моите слики, а јас него. Многу разговаравме. Често велеше  – “Јас сум првиот кој го прикажав прилепскиот пејзаж, направив прво скалило, Ристо Лозановски е второто скалило, а ти Гегоски го направи третото скалило во прилепската уметност”. Горд сум на овие зборови. Горд на доделеното признание за моето творештво.

Loading