КОЈ ЈА СМИСЛИ „СМИЦАЛИЦАТА“

Руски сериски филм. Многу епизоди. Извонредна актерска игра. Неверојатна! Всушност,  тоа не принудува да ја следиме секоја епизода. Преводот, како и обично, лош, мошне лош. Дури да се чуди човек дека може така. Преведувачот морада е стручно лице. Освен тоа, постои и лектор. Но, ете, како да е тоа најневажната работа.

Ќе забележиме неколку од многуте грешки. Таму, во филмот, некој од ликовите направил некаква измама. На нечесен начин измамил некого. Ние читаме превод дека ликот од филмот направил “смицалица”. Забележуваме грешки во медиумите и не само во нив. Ги има на сите страни и во сите области. Зборот “смицалица” досега не сме го сретнале. Еве, преведувачот го “збогати” нашиот јазик уште со еден збор. Лекторот го аминувал тоа! Ќе направиме една дигресија, отстапување од главната тема. Го спомнавме лекторот. Ако го има, а мора да го има, и ако тој лектор го допуштил овој ваков јазик, тој само јаде леб на лектор и не заслужува да ја носити тулата лектор. А посто и тука и уредник на емисијата, во крајна линија постои и директор. Не треба да е човек некаков специјалист за јазикот па да не може да ги согледа овие грешки.

Да се вратиме на СМИЦАЛИЦАТА. Чист српски збор. А што значи тоа? Во српско – македонскиот речник пишува вака: СМИЦАЛИЦА – лукав трик, лукавство, итрост со која се служи некој да измами некого. Нема потреба да објаснуваме, да го дообјаснуваме значењето на зборот “смицалица”, иако може да се најдат и други толкувања. Значи, станува збор за некоја лукава измама. Не треба да се бара некој буквален превод. Тоа може да се каже и описно, со повеќе зборови. Во случајов, може да се земе само зборот “лукавство”. Може и поинаку, но никако, ама баш никако, не смее да се употреби зборот – СМИЦАЛИЦА.

Читаме во преводот: “Ти ми даде на мене, јас ти дадов на тебе”. Типично за скопскиот говор. Но, преводот треба да биде на македонски литературен јазик, а не на скопскиот жаргон. Реченицата треба да гласи: “Ти ми даде мене, јас ти дадов тебе”. Редовно читаме во филмот: “Го донесов човекот”. Читаме: “Да ја однесеш девојката таму и таму”. Вакви изрази слушаме и читаме и на други места и во други емисии. Треба да се знае дека се носат, се донесуваат, се однесуваат предмети, а не луѓе. Луѓето се одведуваат и се доведуваат.

Во серискиот филм често го слушаме зборот “напиток”. Српскиот збор гласи – “напитак”, но како и во многу случаи ние го помакедончуваме. А како? Едноставно. Ја исфрламе буквата “а” и ставаме “о” . Значи “напитак” е српски, а на македонски е “напиток”. Не е така, ниту пак е близу до тоа да биде така. Српската именка “напитак” добиена е од глаголот “напити се”. Кај нас тоа не може така. Нашиот глагол е “се напива”. Според тоа, нашата именка ќе гласи “напивка”. Долго време (своевремено) во Скопје се играше балетот “Љубовен напиток” . Се разбира, буквален превод од српскиот – “Љубавни напитак”. Според укажувањето и сугестијата на Благоја Корубин насловот стана “Љубовна напивка”. Во многу случаи може да се користи и именката “пијалак” (не пијалок). Таа именка го означува во српскиот јазик зборот “пиќе”. И во филмот, се користат разни пијалаци – чај, алкохол, лекови, вода и слично. Тука, за сиве овие може да се користи именката “пијалак” или “пијалаци”.

Да заклучиме. Кога се пие или треба да се пие определена, конкретна течност, тогаш станува збор за НАПИВКА, а не НАПИТОК. Оваа грешка е слична на онаа кога мнозина зборот (српски) “купатило” го по македончуваат во “капатило”. Не може така. КУПАТИЛО доаѓа од српскиот глагол “купати (се)”. Ние немаме таков глагол. Кај нас луѓето се капат и најлогично е да биде – “капалник”. Но, штом на времето не се направ, сега е тешко. Затоа – БАЊА, не КАПАТИЛО, ниту КУПАТИЛО.

Исправка

 Во претходниот број на Зенит, во јазичното катче, се поткраднала техничка грешка во насловот. Наместо ЌУТУК, МОЖЕ И ПЕЊУШКА, стои ЧУТУК, МОЖИ И ПЕЊУШКА. Им се извинуваме на читателите.

Loading