ОД ШАРМОТ НА ДОЖДЛИВИОТ МАНЧЕСТЕР НА БРЕГОТ НА СВЕТЛИНАТА

Интервју – Милан Сапунџиоски – доктор специјалист по радиологија во Гибралтар

Како се случи специјалистот по радиологија од Прилеп, преку Манчестер, да работи во Гибралтар, на портата на Атлантикот со Медитеранот?

После 14 години на работа во Pennine Acute Hospitals NHS Trust во Манчестер, време беше за нов предизвик. Генерално се смета дека после десетина години на исто место, се станува комфорен во работата и во околината. Се губи ентузијазмот и желбата за предизвик. Покрај секојдневната работа како консултант, радиолог (тоа во Англија е највисокото скалило во хиерархијата на здравствениот систем), работев како советник на Министерството за здравство за скрининг на карцином на дебело црево, одговорен за радиологија за северозападниот дел на Англија, раководител на субспецијалистичка радиологија на абдоменот и гастро-интестиналниот систем, вонреден професор на Факултетот за радиографија, на University of Salford, одговорен радиолог за упатставата за менаџирање на карцином, клинички едукатор за специјализанти и млади доктори… Понудата за Гибралтар дојде случајно, во октомври 2017 г. кога во Англија врни континуирано, а во Гибралтар уште е лето. Тоа беше доволно да се прифати новиот предизвик. Така останувате дел од Обиденетото Кралство, но на југ, опкружени од Медитеранот и Атлантикот. Шпанците ја нарекуваат областа “Брег на светлината”, што само по себе зборува за климата. Првин бев две години на неплатен одмор, па уште две, да решам за континуирана работа овде засега.

Каков е стилот на работа во здравството во Гибралтар? Се разликува ли од британскиот?

Здравствениот систем е копија на британскиот, со слична структура на раководење, контрола и егзекуција. Гибралтар е мало место, со 35 000 жители. Како секаде, има примарна и секундарна здравствена заштита. Нема илузија дека треба да ги има сите специјализации. Комплицираните случаи, за кои нема доволно кадар, се праќаат во Шпанија или Англија, се разбира според договорите. Жителите имаат брз пристап до снимање и често можат да одберат дали да се лекуваат локално или во Шпанија или Англија. Услугите се целосно бесплатни. Сé се покрива со придонесите.

Каков е здравствениот систем?

Промената од екстремно “напорниот” англиски систем, каде во последните години квантитетот на работа зеде повеќе приоритет, во локалниот систем со секојдневни блиски контакти со колегите за доброто на пациентите, значи добро освежување и враќање во сржта на здравствената заштита. Има поголема слобода и флексибилност. Голем процент од пациентите добиваат дијагноза и терапија многу брзо. Има редовни интерколегијални состаноци со другите специјалности. Обично одлуките се донесуваат тимски.

Се “негуваат” ли специјалистите?

Постои огромен респект меѓу колегите од различните специјализации. Доаѓаат експерти со големо клиничко искуство од Англија и Шпанија за потемелни консултации. Локалните помлади доктори користат многу, работејќи покрај нив. Во Англија, има старосна граница кога може да се оди во пензионја, но само ако имате желба за тоа. Потребата од искусни специјалисти е голема, посебно во Англија, така што болниците преговараат со специјалистите или да продолжат со полно работно време или да се пензионираат и да продолжат со скратено време, без да се прекинува пензијата.

Се овозможува ли следење на последните досигнувања во дијагностиката…?

Имаме привилегија да користиме 10 дена годишно за континуирана едукација. Болницата ги компензира трошоците до договорена сума. Со Ковид кризата, многу од конгресите и семинарите го сменија форматот со онлаин присуство. Покрај рестрикциите, едукацијата продолжи. Мојата специјалност, клиничката радиологија, се промени во смисла на достапноста на теле-радиологија. Од 2020 г. сме во можност да работиме од дома за било која установа во светот. Потребна е само добра опрема и добар интернет (Гибралтар тука е перфектен). Од 2019 г. работев од Гибралтар паралелно за компанија од Скандинавија која имаше договор со Англија. Наскоро треба да почнам да работам за мојата “поранешна” болница во Манчестер од Гибралтар со телерадиологија, претежно на дијагностика на КТ и МРИ. Радиологијата стана глобална. Се надевам што поскоро и здравствените авторитети во Македонија ќе ја прифатат оваа опција како перфектен одговор за недостигот на специјалисти, експерти, во областа на КТ и МРИ.

Какво е општественото уредување?

Гибралтар е 14-та прекуморска територија, останата под Велика Британија по распадот на огромната империја. Во 1703 г. англиско -холандските војски го освоиле од Шпанија и со договорот од Утрехт припаднал на Велика Британија, сé до денес. Шпанија никогаш не ја прифатила оваа поделба. Низ историјата презела доста војни и опсади да го врати Гибралтар под своја управа. Една од најголемите војни била т.н. Голема опсада од 1779 до 1783 г., од заедничката шпанско-француска војска, охрабрени од успесите во американската војна за независност. Се знае дека близу 60 000 “туристи” пристигнале на плажите околу Гибралтар од Шпанија да бидат сведоци на нападот на Гибралтар.

Но, благодарение на случајниот “пронајдок” на усвитени топовску ѓулиња, Гибралтар успеал да се одбрани. Ги потопил речиси сите противнички бродови и склучил мир. Од поново време, во 1967 г. на референдум е отфрлена опцијата за премин под Шпанија.  Во 2002 г. се воведува заеднички суверенитет. Како одговор на референдумот од 1967 г, шпанскиот диктатор Франко комплетно ја затворил границата со Гибралтар. Единствена опција било или со авион за Англија или со брод во Мароко и оттаму во Шпанија. Границата била отворена постепено дури во 1982 г., комплетно во 1985 г. Жителите на Гибралтар нема тоа никогаш да го заборават. Слично страдале и нивните роднини од Ла Линеа, што е шпанскиот град (за споредба, како Прилеп и Варош да имаат граница со физичка рампа околу Економскиот факултет). Наместо за 15 мин пешки, патувале со брод до Мароко, со уште еден од Мароко до Шпанија. Оттаму со превоз да се видат со најблиските.

Во Гибралтар живеат околу 35 000 жители. Секој ден влегуваат на работа околу 10-15 000 луѓе од Шпанија. Физичката граница уште постои со проверка на пасоши и лични карти, но тоа е ништо во споредба со “црните” години на Франко. Брекзит донесе нов предизвик. Гибралтар го загуби статусот на член на ЕУ, а со тоа и привелегиите. Преговараат Британија, Шпанија и Гибралтар како да се импровизира статусот за да биде непречена мобилноста на луѓето и стоките, а Гибралтар да го задржи суверенитетот со Британија. Инаку, постои влада и парламент. Надворешната политика и одбраната се под Британците. Сé друго е самостојно управување. Валута е гибралтарската фунта, со иста вредност како британската. Може да се користи само овде. Насекаде може да се плаќа со евра. Можно е подигнување на евра и фунти од банкоматите.

Како се живее во оваа прекуморска земја на Велика Британија на 7 км2?

Финансискиот успех на Гибралтар се должи на ниските такси, финансиските независни институции и бројните компании за обложување. Животот е релаксиран. Луѓето се расположени, што се должи на климата. Големите бродови со туристи застануваат на еден ден. Главна атракција е The Rock – фамозната Карпа од Гибралтар, која се надвисува над морето. Внатре, има преку 60 км. тунели со болници, живеалишта, засолништа, паркинзи… За време на Втората Светска Војна, 90 отсто од населението се евакуирало, претежно во Англија и други држави, бидејќи Гибралтар служел како важна поморска база. Ниските такси нпаравиле економски просперитет, особено по кризата со Шпанија и целосното отворање на границата.

Што е атрактивно и значајна за најмалата земја во Европа, покрај мореузот, гирбралтарскиот “канал” што ја дели Европа со Африка?

Во добар дел, Мароко се гледа “со голи очи”, преку теснецот каде се спојуваат Медитеранот и Атлантикот. Врските со Мароко се одлични. Во Гибралтар има доста жители од Мароко. Претежно живеат во стариот дел на градот под “Карпата”. Централниот дел е со еврејско население, од ортодоксен карактер, кои, иако се целосно интегрирани, ги почитуваат и следат своите строги традиции. Домородното население, се нарекува Џанито. Живеат претежно во јужниот, помирен дел на градот и во источниот, покрај плажите. Иако официјален јазик е англискиот, 90 отсто зборуваат шпански меѓусебе, но во говорот менуваат меѓу двата јазици. Другите се Англичани и доста странци кои работаат во компаниите за обложување. Најголем процент живеат во Ла Линеа, преку границата и секој ден доаѓаат или пешки (15-20 мин) или со велосипеди или мопеди. Причината е многу високата цена за становите. Побарувачката е поголема од понудата. Цените се од 6000-10000 фунти за м2. На пример, студио од 27 м2 во најдобриот дел со комплекси од базени чини од 320 000 – 350 000  фунти. Кириите се  високи. Она што се добива како студио во Гибралтар се рентира во Шпанија како вила со сопствен базен. Последните години, државата одзема од морето да гради. Гибралтар се шири во височина како Хонг Конг, Сингапур… Старите велат дека духот е уништен, но реалноста и потребите се поголем приоритет.

Каков е карактерот на мнозинското домородно население, љубезно…? Дали културата и традициите имаат некоја сличност со нашата?

Културата и историјата е поврзана со шпанско-англиските војни, близината на Мароко, еврејската популација и во последните години вработените од многу земји во компаниите за обложување. Сличноста со Македонците е што фамилијата им е многу значајна. На пример, во недела е традиција да излегуваат заедно на ручек, во лето одат заедно на плажите. Некогаш со еден пациент, иако е посериозен случај, идат неколку членови на фамилијата за поддршка. По религија се главно католици, оти мнозинството има шпанско потекло. Кујната е медитеранска, како шпанската. Се најдува е и индиска, кинеска, италијанска храна и ирски пабови. Не знам дали сличност, но главни места за посета се казината, отворени 24 часа, преполно е во петок и во сабота. Во просек, посетителитесе околу 60 г, многу госпоѓи се седнати на слот машините и пулови во рацете.         

Каква е одбарната од миграциите кон Европа?

Поголем проблем има Шпанија преку Мароко. Шпанија има два града во Мароко под своја управа, Мелила и Чеута, што е континуиран конфликт со Мароко. Како што Шпанците може да ја затворат границата со Гибралтар (озборувањата велат ако Шпанија или Реал Мадрид изгубат), така и Мароко од време на време ја крева рампата и пушта слободно имигранти да влезат во Шпанија. Гибралтар нема проблем, бидејќи нема простор за работа на црно или сместување.

Би останале да ги минувате и пензиските денови со семејството?

Моментно живееме меѓу Манчестер и Гибралтар. Се смееме дека имаме потпишано договор со авио компанијата EasyJet. Поволно е што има летови секој ден, 2.5-3 саати. Патувањата не се проблем. Дали ќе останеме во Манжестер, со сиот шарм, дожд, музика, фудбал, или Гибралтар, Шпанија на сонце и море каде животот е многу порелаксиран, (го цитирам Хемингвеј, “Овде нема ноќен живот. Остануваат надвор до доцна, но се будат доцна. Ова не е ноќен живот. Ова е намерно доцнење на денот”) со прекрасна храна, засега не размислуваме многу. Идејата е да се искористат максимално приликите што животот и работата ги нудат.  Да завршам со уште еден цитат: “Не може да се купи среќа, но можеш да појдиш во Андалузија (Гибралтар по локација е дел од Андалузија и дел од регионот на Кадиз) и тоа е едно исто”.

Мајмуни во Европа 

Сличност со Прилеп се мајмуните. Туристите доаѓаат да ги видат мајмуните кои слободно живеат на Карпата. Како да имало завера. Јас од Прилеп, градот на “мајмуните”, да дојдам во местото со мајмуни. Тие се културно наследство, заедно со тунелите и пештерите во Карпата. Винстон Черчил рекол дека додека има мајмуни, Гибралтар ќе биде под Обединетото Кралство.

Легенда

Легендата е дека морето со години ги поделиле Африка и Европа, креирајќи го Гибралтар на една страна и Монс Абила во Мароко од спротива.

Loading